Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски порача дека плановите на републиканскиот кандидат за потпретседател на Соединетите Американски Држави за Украина ќе наштетат на нејзиниот територијален интегритет, пренесува Анадолу.
Во интервју за списанието „Њујоркер“ за руско-украинската војна, Зеленски упати критики кон сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс, кандидатот за потпретседател на претседателскиот кандидат Доналд Трамп.
Зеленски одговори на изјавите на Венс во кои тој ја критикува американската помош за Украина и во едно интервју сугерира дека Украина ќе мора да отстапи дел од својата територија на Русија и дека завршувањето на војната ќе биде во најдобар интерес за Америка.
Истакнувајќи дека Венс е „радикален“, Зеленски рече дека неговите планови за ефективно завршување на војната значат дека Украина мора „да се откаже од своја територија“.
Тој, исто така, ја отфрли идејата дека Украина треба да се жртвува и нагласи дека завршувањето на војната на нејзина штета е неприфатливо.
Иако тој не ги смета идеите на Венс за „официјален“ став, Зеленски нагласи дека нивното спроведување би било „ужасна идеја“.
„За нас, ова се опасни сигнали, кои доаѓаат од потенцијален потпретседател. Треба да кажам дека не беше вака со Трамп. Тој и јас разговаравме по телефон, а неговата порака беше најпозитивна што може да биде, од моја гледна точка, „разбирам“, „ќе дадам поддршка“ и така натаму.
Зеленски предупреди дека оние што ги споделуваат ставовите на Венс за „преговарање“ за украинската територија ќе им наштетат и на американските интереси во други региони, наведувајќи ги потенцијалните последици за Блискиот Исток, Тајван и односите меѓу САД и Кина.
Украинскиот претседател додаде дека „не ги сфаќа сериозно зборовите на Венс“, но смета дека таквите планови би можеле да ги турнат САД кон глобален конфликт.