Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека најмалку 300.000 Украинци во Германија не работат или не се обидуваат да се вработат и оти ќе бидат принудени да се вратат во земјата кога германската социјална поддршка ќе заврши.
„Не сите Украинци се многу среќни што се во странство. Ова не е дел од планот за враќање на Украинците, но ова се фактите. Некои земји и нивните лидери сакаат тие Украинци кои работат таму да останат. Тие бараат начини да ги принудат оние Украинци кои не работат да се вратат во Украина“, рече Зеленски на состанокот со шефовите на територијалните заедници и области на Закарпатија.
Тој изјави дека, на пример, денес во Германија има повеќе од 1,1 милион Украинци, од кои најмалку 300 илјади не работат никаде, не се ни трудат да се вработат и дека такви луѓе има многу низ Европа.
Тој истакна дека значителен дел од овие лица ќе се вратат, бидејќи ќе престанат социјалните бенефиции и поддршката што ја добиваат во странство.
„Тоа ќе исчезне не благодарение на нас. Државите едноставно ќе престанат да им помагаат. Штом нивните општества ја поддржат одлуката дека нема потреба да им плаќаат на Украинците, во тој момент тие земји ќе направат сѐ за целосно да ги запрат плаќањата“, рече Зеленски.
Тој нагласи и дека има процент на Украинци кои чекаат да заврши војната за да се вратат.
Според податоците на ОН, населението на Украина е намалено за 10 милиони луѓе, или околу една четвртина, од почетокот на целосната инвазија на Русија поради одливот на бегалци, падот на наталитетот и оние кои загинаа во војната.