Земјотресите во Туркије споредливи со најголемиот нуклеарен тест / Photo: AA

Двата силни земјотреси кои ја погодија Туркије минатата недела можат да се споредат со најголемото нуклеарно тестирање во светот, изјави Џеки Каплан-Ауербах, професорка по геологија на Универзитетот „Вестерн Вашингтон“.

За евалуацијата на магнитудата и карактеристиките на земјотресите, чии епицентри беа окрузите Пазарџик и Елбистан во јужната турска област Кахраманмараш, Каплан-Ауербах рече дека земјотресите се трагичен настан.

„Тоа е необичен настан поради тоа што во овој дел од јужна Туркије, иако имало земјотреси, се нема случено земјотрес од оваа големина подолго време. Но, тоа е многу сеизмички активна област. Едноставно, временските размери во кои Земјата генерира земјотреси и временските интервали во кои ги доживеавме се малку различни“, истакна Каплан-Ауербах во интервју за Анадолу.

Нагласувајќи дека регионот е сеизмички активен и дека имало и големи земјотреси, Каплан-Ауербах рече дека растот на населението со текот на времето довело до повеќе жртви по ваквите земјотреси.

Таа, исто така, нагласи дека потресите се случиле на длабочина која е многу блиску до површината, што ја зголемува трагедијата.

„И тоа го интензивира потресот на земјата, предизвикувајќи да биде со потешки последици“, додаде таа.

„Невообичаено, но не и невидено“

За двата разорни земјотреси во Кахраманмараш, Каплан-Ауербах рече дека земјотресите „секако се невообичаени, но не и невидени“.

„Понекогаш раздвижувањето на еден расед го зголемува притисокот врз друг предизвикувајќи колапс. Дали тоа е она што се случи овде, дали ова е традиционален последователен потрес е потешко да се оцени во оваа рана фаза“, додаде таа.

Каплан-Ауербах нагласи дека според сегашните проценки, земјотресот на една раседна линија активирал друга раседна линија.

„Ова е огромен последователен потрес [афтершок]. Но, повторно, ова не е нешто невидено“, рече таа, мислејќи на земјотресот со јачина од 7,6 степени што се случи подоцна.

Потсетувајќи дека уште еден земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтер се случи неколку дена по земјотресот со јачина од 6,5 степени во Калифорнија пред неколку години, Каплан-Ауербах рече: „И потоа, неколку дена подоцна имаше уште еден кој беше малку поголем. Тој беше 7 и нешто. Значи, ги гледаме, но тие се поретки“, рече таа.

„Не можеме точно да кажеме што ќе се случи во иднина“

Укажувајќи дека земјотресот бил многу блиску до површината и на широка област, Каплан-Ауербах рече дека „многу е тешко со земјотресите да се предвиди што следно ќе се случи“.

„Тие се многу случајни настани. Се случуваат без предупредување. Така, нашата надеж е дека оваа област ослободи дел од притисокот, но можеби додаде притисок на други делови, така што навистина не можеме да кажеме што ќе донесе иднината.“

Во однос на магнитудата, таа истакна дека овој земјотрес бил многу голем.

„Ова беше многу, многу голем земјотрес. Беше со магнитуда од 7,8 степени. Веројатно може да се спореди со најголемото нуклеарно тестирање досега, не бомба што погодила нешто, туку најголемите бомби што се тестирани. Очигледно, многу поинаков момент е тоа што се протега на многу голема област. Колку е поголем земјотресот, [и] типично, колку е поголем раседот, толку е поголема површината што ќе се придвижи“, објасни таа.

„Оваа раседна линија се протега на површина од над 300 километри. Затоа погоди толку многу луѓе“, рече Каплан-Ауербах.

„Земјотресите настапуваат и завршуваат со широк спектар на интензитет, а размерите се огромни“, додаде таа.

„Гледаме големи земјотреси во светот... [Но] плиток, под континентот, е нешто невообичаено. Тоа е еден од најголемите што досега сме ги виделе.“

„Треба да ги подобриме нашите норми на градба“

Каплан-Ауербах истакна дека големите земјотреси обично се случуваат на океанските брегови каде што тектонските плочи одат една под друга.

„Така на пример, земјотресот во Јапонија во 2011 година во Тохоку и земјотресот што ја погоди Суматра во 2004 година беа значително поголеми, но малку пооддалечени од заедниците кои беа погодени.“

„Мислам дека она што најјасно го гледаме е потребата секогаш да ги унапредуваме нашите норми на градба, бидејќи најголемата трагедија е уривањето на зградите. Постарите згради честопати не се градат на начините кои ни се познати сега“, рече таа.

„Секогаш се надеваме дека ќе научиме, сакам да го изразам моето најдлабоко сочувство до народот на Туркије и народот на Сирија. Ве молиме, знајте дека целиот свет стои покрај вас и ја доживува вашата тага заедно со вас“, додаде таа.

На 6 февруари, два силни земјотреси ја погодија јужна Туркије.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер беа со епицентар во областа Кахраманмараш и погодија уште девет области - Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.

Тие, исто така, беа почувствувани и во неколку други земји, а поголемо разорување предизвикаа во северна Сирија.

Најмалку 35.418 луѓе ги загубија животите во Туркије, според последните официјални податоци, додека бројот на загинати во Сирија надмина 3.600.

AA
Популарни