Една жена загина денеска, а неколку лица се повредени кога ракета погоди зграда во градот Шафарам на северот на Израел, соопшти израелската служба за итни случаи.
Израелската армија соопшти дека од територијата на Либан кон тој град биле истрелани пет проектили.
Во соопштението се наведува дека проектилите се идентификувани и дека израелските сили се обиделе да ги пресретнат.
Уште четири лица се повредени денеска во предградијата на главниот град на Израел, Тел Авив, кога остатоци од проектил лансиран од Либан, кој беше пресретнат од израелската противвоздушна одбрана паднаа над централен Израел.
Либанското движење Хезболах од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври минатата година секој ден истрелува ракети кон северен Израел, како одговор на израелските ракетни напади.