Што крие темното минато на Виенската филхармонија?     Фото: TRT Balkan

Прв ден во новата година, топлината го пополнува домот, а сите собрани пред телевизорите си разменуваат подароци и го следат новогодишниот концерт на Виенската филхармонија. Но, иако овој настан е глобален феномен, малкумина знаат за неговото мрачно минато.

Со богата традиција од 180 години, свирењето на мелодиите на Штраус за новогодишната публика сепак, е нешто понова идеја која е заслуга на нацистичкиот режим.

На почетокот на Втората светска војна одржан е првиот новогодишен концерт во 1939 година. Како што се наѕирало дека ова ќе биде долга и исцрпувачка војна од 1941 година концертот постојано се одржува на 1 јануари за да го подигне моралот, а таа традиција е задржана и по ужасите на војната.

Но, и покрај „совршениот“ план на нацистите за свирење на врвните класични дела, јавноста открила дека композиторот Јохан Штраус има еврејско потекло. Министерот за пропаганда Јозеф Гебелс презел мерки за да се заташка случајот.

Расветлување на тајните

Притисокот на јавноста во изминатите декади доведе до тоа оваа институција на културата да ги отвори сопствените архиви и да спроведе темелна истрага за темното минато.

Сепак, бидејќи институцијата е независна од централната власт по поразот на нацистите не беше обврзана да ги открие архивите и документацијата како останатите државни служби и затоа беше потребно подолго време за да се расветлат сите тајни.

Извештајот откри дека во текот на нацистичката управа 13 членови на Виенската филхармонија, кои биле Евреи по потекло или по брак, биле протерани од оркестарот. Петмина се убиени во концентрационите логори, а еден член на оркестарот е застрелан во сопствениот дом. Ниту еден член кој го преживеал Холокаустот потоа не се вратил да свири во оркестарот.

Под нацистичка управа дури половина од членовите на оркестарот биле членови на национал-социјалистичката партија. Во текот на војната бил доделен и „прстен на честа“ на Балдур вон Ширах, нацистичкиот гувернер на Виена одговорен за депортацијата на десетици илјади Евреи.

Откако одлежал 20 години во затвор за воените злосторства добил замена за споменатиот прстен како награда бидејќи оригиналот го загубил, но сепак потоа е утврдено дека ваквата постапка во 60-те години биле дело на поединец, а не на институцијата.

Се емитува во над 90 земји во светот

Дел од политичката номенклатура смета дека првичната истрага била брзо спроведена и тимот истражители имал само неколку месеци подготовка, па затоа бара и дополнителна независна истрага за потенцијално недоутврдени или скриени факти.

Денес одредени церемонии за време на концертот наменети за воените припадници по војната се укинати. Новогодишниот концерт делува грандиозно, со богата програма валцери, маршеви и полки во Златната сала. Ритамот на „Убавиот син дунав“ ја трансформираше манифестацијата во глобален феномен.

Со телевизиските преноси блескавата концертна група е синоним за празнично новогодишно расположение. Се емитува во над 90 земји во светот, додека пак ако сакате да го следите концертот во живо ќе треба да имате среќа исто како да сте добиле на лото, бидејќи билетите се делат по случаен избор.




TRT Balkan
Популарни