Во археолошките ископувања во античкиот град Хатуша, што се наоѓа во подрачјето на Богазкале во турската област Чорум, е пронајден украс од слонова коска за кој се претпоставува дека е стар околу 2.800 години.
Археолошките ископувања што започнаа во 1906 година во Богазкале, Чорум, во чии граници се наоѓа Хатуша, главниот град на Хетитите, веќе од 2006 година се спроведуваат под водство на проф. д-р Андреас Шахнер, во име на Германскиот археолошки институт.
На 117-годишнината од ископувањата, откриено е дело во северозападниот дел на Големото кале во овој антички град, што може да даде информации околу уметничката структура на железното време.
На ова дело од слонова коска, со должина од околу 30 сантиметри и ширина од 10 сантиметри, е нацртана една сфинга, еден лав и две фигури на дрво на животот.
Продолжуваат научните истражувања околу ова дело, чии фигури можат да бидат видливи во соодветни услови на светло поради слојот врз него.
Шефот на ископувањата, проф. д-р Андреас Шахнер, во изјава за Анадолу истакна дека ова дело било пронајдено на слојот од железното време во археолошкиот локалитет Хатуша, кој ги носи трагите на повеќе цивилизации.
Шахнер рече дека ова дело е добро сочувано и е старо околу 2.800 години.
„Во тоа време, ова дело најверојатно било додадено како украс на дрвена кутија или дрвен мебел. Делото што го поседуваме е скршено од десната и левата страна, но горниот и долниот дел се во оригинална состојба“, нагласи тој.
Шахнер истакна дека ова дело дава важни информации за периодот од кој датира.
„Среќни и возбудени сме што го откривме ова дело. За прв пат се соочуваме со вакво дело кое ни дава информации за уметноста од тој период. Навистина е важен предмет“, рече Шахнер, додавајќи дека по завршување на научните истражувања, ова дело ќе биде изложено во Музејот „Богазќој“.