Македонскиот музичар Влатко Стефановски, еден од најголемите гитарски виртуози на овие простори, со своето трио тргнува на пролетна турнеја, во чии рамки од 17 до 19 мај ќе настапи во Хрватска. Во продолжение, ТРТ Балкан ви дава преглед на најважните информации што треба да ги знаете за оваа турнеја.
Турнејата започнува во Загреб
Турнејата започнува со концерт на 17 мај во Загреб (Творница културе). Според информациите на веб страницата Евентим каде може да се купат карти за концертот, нивната цена се движи од 25 до 35 евра.
„Влатко Стефановски е еден од најзначајните џез-рок гитаристи на овој дел од Европа, кој е и светски познат по своите неверојатни изведби на гитара. Неговото мајсторство се протега на мелодии кои ретко кој може да ги свири токму поради неговите комбинации на етно џез, рок, џез фјужн и блуз музика“, се вели во најавата на концертот.
Концерти во Славонски Брод и во Риека
Веднаш по концертот во Загреб следуваат концерти во Славонски Брод (КДД Ивана Брлиќ-Мажураниќ) на 18 мај и Риека на 19 мај (Хрватскиот културен дом Сушак).
Успех со турскиот филм „Патот до Сонцето“
Стефановски е познат по неговата извонредна комбинација на етно џез, рок, џез фјужн и блуз музика. Како член на групата „Леб и сол“ сними 13 албуми, а благодарение на спојот на традиционалната македонска музика и рокот, тие влегоа во историјата како еден од најпознатите бендови на поранешна Југославија. Како самостоен музичар издаде 15 албуми. Албумот „Каубојци и Индијанци“ (1994) ги покажа неговите разновидни интереси, од длабоките корени на народната музика до амбиенталната музика и класичниот блуз.
Стефановски е добитник на државната награда за животно дело во културата и уметноста „11 Октомври“ и има почесен докторат за уметност кој му го додели Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Покрај домашните награди, може да се пофали и со светските успеси кои ги постигна пишувајќи музика за филм, театар и балет. Музиката за турскиот филм „Патот до Сонцето“ во режија на Јесим Устаоглу освои две награди на Берлинскиот филмски фестивал во 1999 година.
Стефановски, кој е чест гостин на хрватската сцена, неодамна настапи во Лисински заедно со фолклорниот ансамбл Танец.