Големо задоволство е да се доживее второ издание на нешто што си го работел порано, овој пат во подобра верзија. Тогаш беше тоа на ЦД, сега е на винил, повторно се винилите во мода на мое големо задоволство, и не само на мое туку и на голем број луѓе на кои им значи нешто квалитетниот звук, изјави на денешната прес-конференција Влатко Стефановски по повод претстојните концерти во Скопје со Мирослав Тадиќ и одбележувањето 20 години јубилеј од издавањето на албумот „Трета мајка”.
„И покрај тоа што живееме во дигитално доба, мислам дека аналогните плочи и аналогните машини на кои се создаваше музика се се уште ненадминати. Кога го добив овој примерок на „Трета мајка“ и кога го пуштив, ми дојде таква некаква носталгија или возбуда и имав потреба да се расплачам. Толку питомо ми звучеше тоа што го слушнав, толку невино, толку неискварено иако не беа и тоа некои мирни години. Ова е настанато 2004 година, тоа не беа некои прекрасни години, меѓутоа дружбата меѓу Мирослав, мене и Теодосиј Спасов имаше некаква возвишена димензија и за мене секој концерт со Мирослав претставува мал празник на музиката, затоа што прво ретко се гледаме – Мирослав живее во Лос Ангелес, таму е професор, шеф на катедра за гитара на една престижна школа во Калифорнија“, рече Стефановски за новото и освежено издание на албумот „Трета мајка“ кој е издаден пред 20 години.
Тој вели дека со Мирослав функционираат, на некаков чуден начин без многу вербална комуникација, без многу договарања, без многу вежбање, без многу проби. Така го снимиле и албумот „Крушево“ и „Трета мајка“. Тоа се должи и на тоа што Мирослав е, вели, еден од најголемите фанови на македонска музика што го познава.
„Кај него во Лос Ангелес во неговата колекција сум сретнал изданија од Виолета Томовска, од Вања Лазарева, од Сариевски, од Кирил Манчевски, од Никола Бадев. Значи, тој ги има сите синглови издадени во шеесеттите, седумдесеттите години и ако му кажеш за некоја песна он ќе ти каже која верзија ја сакаш од Васка Илиева или од Вања Лазарева. Тој е фасцинантен познавач на македонската музика. Нас ни е тоа природно, но за некој што живее во Калифорнија и не звучи дека е толку природно. Така што, ако ми е мене тоа втора природа таа музика, бидејќи сум овде роден и цел живот живеам во Скопје, во Македонија, ако ми е мене тоа нормална работа, на некој му е тоа наука и страст и посветеност. Така што, многу се радувам на овие концерти кои следуваат, поготово што ќе бидат во Македонската филхармонија која е една од најдобрите концертни простори што во моментов ги имаме. Секој мој настап таму посебно ме возбудува и ме радува и верувам дека концертите ќе бидат права посластица – уживање за сите оние на кои оваа музика нешто им значи“, вели Стефановски.
Бобан Милошески од Авалон продукција ова винилно издание на „Трета мајка“ во сегментот на издаваштво претставува своевидно затворање на кругот, токму поради квалитетот на звукот на винил.
„Судбината сакаше тој винил да биде „Трета мајка“ затоа што се работи за едно навистина монументално издание кое можеби, Влатко, ќе се сложи со мене, а можеби не, сепак својата вистинска слушателска димензија ја добива на винил. Мислам дека не е исто „Трета мајка“ да се слуша на ЦД и на винил и дека музиката која ја свират Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов на „Трета мајка“ поготово она што Влатко и Тадиќ го прават лајв треба да се доживее лајв и на винил и поради тоа ние како Авалон заедно со Скандона која е подлиценцен издавач на „Трета мајка“ се одлучивме да го направиме ова навистина право мало слушателско ремек дело“, рече Милошески кој нагласи дека серијата на светски концерти на Авалон започнува со концертите на Влатко и на Тадиќ во сабота и во недела.
На новинарско прашање дали размислува издание на винил и за „Крушево“, Влатко појасни дека тој албум е веќе објавен на винил, меѓутоа не е продукција на Авалон, на продукција од Америка, односно од Јапонија и „Крушево“ постои на винил, јас го имам. „Крушево“ е објавено на дупли винил, а човекот што стои зад таа продукција живее во Калифорнија и важи за еден од најголемите аудиоентузијасти.
„Човекот се занимава со снимање и музика на исклучително акустични простори, така што „Македониумот“, споменикот во Крушево ни се виде како идеален простор за снимање на таа музика. Тоа беа сплет на околности 1997 година кога го снимавме. Тоа беа среќни околности. Првата идеја беше да снимаме во „Света Софија“ во Охрид, меѓутоа тогаш прозорите беа испокршени на црквата, музиката од локалните кафетерии влегуваше низ тие прозори и затоа не снимавме во „Св. Софија“. Мене ми текна дека Крушево би можело да биде интересен објект. Тогаш министер за култура беше Слободан Унковски, Иво Јанковски му напиша еден текст – молба да се отвори музејот и да влеземе два дена да снимаме таму“, вели Стефановски.
За него, вели, тоа биле сплет на среќни околности кога станува збор за албумот „Крушево“, но, подвлекува, „Трета мајка“ не е ништо помалку вредно парче музика за него лично.
„Секој рикординг сешн е истекување на една енергија, на едно, не би рекол толку знаење, туку тоа е истекување на една голема количина на емоции кое се забележува на носач на звук. Дали е сега ЦК, или е стикче, или е винил или е магнетофонска лента е помалку важно. Многу често кога снимаме во студио на своите колеги им викам – дечки, не снимаме тонови, снимаме емоции. Зошто фреквенции има – и трактор произведува фреквенции и комбајн. Меѓутоа, тие фреквенции не ни се многу музикални и овие што шишаат трева деновиве низ Тафталиџе произведуваат фреквенции ама тие фреквенции не се музика. Музика се фреквенции кои композиторот или изведувачот ќе ги одбере да ги употреби. Не само фреквенции, – бои, која боја. Бојата е гитарата дали е акустична, дали е со метални жици, од кој бренд е – дали е „Јамаха“, „Гибсон“…, тоа се се’ суптилни разлики и суптилни избори што ги правиме ние музичарите“, вели Стефановски.
Тој вели дека за разлика од 70-те години кога можело да се живее од дискографија кога се продаваа тиражи од 30.000 до 50.000 тиражи, сега изданијата се прават повеќе како сувенир, како одбележување на некое време и простор, како споменар отколку како комерцијален прозивод. Денес, посочува тој, концертите се комерцијален производ кои следуваат после успешен албум. Винилното издание, наведува има повеќе трошоци отколку заработка, но звучи подобро.
„Нас индустријата не излажа со ЦД-ињата. Порано се што имавме на винил кога се појавија ЦД-а отрчавме да го спасиме и да си го купиме повторно на ЦД мислејќи дека плочите се нешто што оди во заборав и дека се завршена приказна. Сега повторно сите драги ЦД-а што ги имаме ги рекупуваме на винил за да ги имаме во права форма. Сигурен сум дека се уште е дигиталната технологија млада за да постигне квалитетен звук што има плоча“, вели Стефановски.
Неодамна од Кроација рекордс, додаде, на винил е реиздаден албумот „Како какао“, со мастеринг направен во Лондон во студиото „Еби Роуд’, на кој вели се слуша се, звуци на акустични гитари, унисоно снимени кои ги заборавил.
„Значи на голема врата се враќаат винилите, а и ние со нив, да уживаме во добар звук. Слушателите заслужуваат повеќе од МП3 и МП4“, вели Стефановски.
Со Мирослав Тадиќ со кого ги сметаат за музички браќа, соработката започнала на иницијатива на џез музичарот од Србија и е вели чиста среќа, но засега не размислуваат за некоја соработка на авторски проект.
Стефановски во моментов работи на неговиот нов албум со неговиот бенд за кој веќе се подготвени 10 песни од кои е многу задоволен и го најавува за во текот на есента во издание на Кроација рекордс. Тоа ќе биде вели и одбележување на неговиот јубилеј 50 години на сцената.
„Тоа не е наивен јубилеј. Тоа е 50 години да се издржи со толку патувања, со толку тонски проби, концерти, да не ги споменувам стресовите. Толку мноногу проекти, што редно е, и јас веќе го одбележувам тоа, скромно засега, нооваа цела година ќе биде во знакот на тоа. Нов албум, можам да ви најавам и мемоари, кои ги пишувам и ги привршувам. Можам да најавам и дека од една компанија од Виена ќе добијам жици кои ќе се викаат „Влатко Стефановски чоис“, после Џорџ Бенсон (американски џез-фужн гитарист). Не сум многу амбициозен ама ќе ја одлебелжам оваа година затоа што тоа вреди да се одбележи“, вели Влатко Стефановски.