Нов фестивал на класична и нова музика во Скопје - „Фестивал во 19:19“ / Photo: КИЦ

Скопје стана побогат за уште еден музички фестивал кој има тенденција да прерасне во традиција. Станува збор за „Фестивал во 19:19“ кој е нов проект на културно информативниот центар - Скопје.

Дводневниот настан, кој се одржа на 12 и 13 декември во македонската метропола, има за цел да промовира класична и нова музика. Карактеристично за овој фестивал е тоа што се одржа во Салон 19:19 со почеток во 19:19 часот.

Нов фестивал на класична и нова музика во Скопје - „Фестивал во 19:19“ КИЦ

Според организаторите покрај промоцијата на нова музика, идејата е да се врати и стариот сјај на Салон 19:19.

„Младите генерации не знаат ни дека постои иако се работи за концертен простор кој има совршена акустика, има еден од најдобрите клавири во Македонија, интимна атмосфера и 140 седишта. Како предизвик останува уште да ја вратиме публиката, што всушност беше и позадината на овој фестивал. Името на фестивалот доаѓа од името на салонот, а тоа кореспондира и со времето кога концертите започнувале.“- изјави за ТРТ Балкан директорот на Културно информативниот центар - Скопје, Антонио Димитров.

Димитров додава дека иако се работи за нов проект кој настанал случајно, сепак првата година била добро загревање за она што следува во иднина.

„19:19 како име и идентитет на салонот, ќе го користиме како симбол на постоењето на овој фестивал чиј формат, се надеваме, ќе се развива низ годините“, изјави директорот на КИЦ-Скопје.

Нов фестивал на класична и нова музика во Скопје - „Фестивал во 19:19“ КИЦ

Богатата програма на фестивалот беше причина публиката да не остане рамнодушна на овој нов музички сјај.

Првата вечер свој настап имаа ДУО „ГЕЛЕБЕШЕВИ“ и ДУО „ВЕЈСЕЛИ/БАФТИЈАРИ“ како претставници на класичната музика, а потоа и ад хок соработката помеѓу веќе етаблираните експериментатори со звукот AMPLIDYNE EFFECT и AXIOTOMIC. Втората вечер беше резервирана за новите аспекти на традиционалната музика со ЕЛЕГИЧНИ ПЕСНИ И МЕЛОДИИ СО ТРИО ИМЕРИ/AРИФОВСКА/КАЦАРСКИ, потоа групата КАЛАТА и возбудливите импровизатори IMPROOF.

Влезот на фестивалот беше слободен, а настанот е дел и од културната понуда на Град Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

TRT Balkan
Популарни