Патувачко кино: Прикажан документарниот филм „Историјата на Оризари“ / Photo: AA

Во рамките на патувачкото кино на фестивалот на документарен филм „Македокс“ во велешко Горно Оризари вчеравечер се одржа проекција на документарниот филм „Историјата на Оризари“.

Овој документарен филм, направен во продукција на локалното граѓанско здружение „Гласот на Оризари“, низ фактографски приказ, со вклучени разговори со жителите, говори за историјата на селото Горно Оризари, Бошњаците од овој крај, нивните миграции, начинот на живот, културата, традицијата и општествениот живот на жителите.

Енвер Карталовиќ, претседател на здружението „Гласот на Оризари“, пред проекцијата на документарниот филм истакна дека неговата автентичност се состои во тоа што е направен токму од локалните жители што сакаа на овој начин да ги зачуваат од заборав својата историја, култура и традиција.

„Овој филм го подготвувавме повеќе од три години и им се заблагодарувам на сите што споделија информации за него за да се оживеат информациите што не ги паметиме, некои од луѓето веќе не се ни живи, но за нивните дела ќе говори документарниот филм“, нагласи Карталовиќ.

Тој изрази уверување дека документарецот ќе биде добра основа за натамошни истражувања поврзани со Бошњаците на локално ниво, но и на ниво на државата.

„Веќе 14 години шетаме низ рурална Македонија. Идејата ни е да го децентрализираме документарниот филм, да го извадиме од границите на урбаното население и да споделиме убави приказни со вас“, истакна Бранд Феро од „Македокс“.

Според последниот попис на населението, во Република Северна Македонија живеат 16.042 Бошњаци, односно 0,87% од вкупното население, од кои 1.852 во Општина Велес.

Жителите на Горно Оризари истакнуваат дека иселувањето на населението, особено на младите, е еден од најголемите предизвици и проблеми на ова место.

AA
Популарни