Виртуелен музеј на Радован Павловски: Дигитализирано творештвото на поетот / Photo: Климентина Аврамовиќ

Вљубениците во творештвото, страсните книжевници и неуморните читатели на Радован Павловски, од неодамна имаат можност подобро да се запознаат со неговиот лик и дело, преку новиот виртуелен музеј посветен токму на поетот.

Основачка на виртуелниот музеј посветен на Радован Павловски е младата студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Клементина Аврамовиќ.

Таа во изјава за ТРТ Балкан вели дека идејата за создавање на овој виртуелен музеј, потекнува од нејзината наклонетост кон делата на Павловски, а посебна инспирација пронашла во песната „Порака“.

Виртуелен музеј на Радован Павловски: Дигитализирано творештвото на поетот Клементина Аврамовиќ

„Последните стихови гласат: ‘Ако умрам, мртов не носете ме во Река, во зеницата на светот, закопајте ме’. Што друго денес би било зеница на светот, ако не интернетот, а што друго би бил поетот, ако не неговите песни. Па се надевам дека со овој проект ја исполнив неговата желба да биде закопан во зеницата на светот.“ - вели Клементина.

Како што ни објасни таа досега дигитализирани се 33 стихозбирки на македонски јазик а во блиска иднина се очекува оваа бројка да порасне. Покрај стихозбирките на веб страната достапни се и дел од цртежите и дел од личните фотографии на поетот.

Виртуелен музеј на Радован Павловски: Дигитализирано творештвото на поетот Others

Процесот, од пронаоѓањето на песните па се до креирањето на страната, Клементина го поминала сама. Финансиска поддршка обезбедила со аплицирање на повикот на УСС на УКИМ за поддршка на научни проекти и трудови под менторство на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.

„Чувството кога за прв пат ги допрев неговите ракописи е како на археолог кој открива нешто ново, истовремено и возбудливо, но и предизвикувачки. Предизвик да се дознае нешто повеќе, да се пронајде и прочита нешто ново. Бев многу среќна што ја имав честа да бидам во допир со нив.“- додаде Клементина.

Покрај виртуелниот музеј, Клементина веќе некое време се занимава и со уште еден книжевен проект - „Книжевна реч“.

TRT Balkan
Популарни