Маестро Александар Џамбазов доби мурал во Скопје / Photo: Општина Центар

Во центарот на Скопје никна нов мурал во чест на македонскиот диригент, текстописец, композитор и основач на детскиот фестивал „Златко Славејче“, Александар Џамбазов.

По повод роденденот на великанот на македонската популарна музика, Општина Центар организираше настан насловен како „За Маестрото“, на кој беше промовиран новиот мурал и беа изведени неговите најпознати хитови од поранешните „Златни славејчиња“ и „Развигорчиња“.

На настанот подготвен во соработка со актерот Игор Џамбазов, синот на големиот диригент и композитор присутвуваа голем број посетители кои уживаа во забавната програма.

„Муралите во Центар се секојдневие, но овој мурал навистина е нешто посебно. За тоа се заслужни уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка, кои со своето дело го украсија Дебар Маало. Уште еден великан си го доби заслуженото место во нашата општина“, изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

На настанот беше промовирана и книгата “Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата” на авторите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски.

Инаку, Александар Џамбазов почина на 25 јануари 2022 година на 85 годишна возраст.


TRT Balkan
Популарни