Изложби, работилници, средби со автори, промоции на сликовници се дел од содржините што шестото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација ЛИТЕРА 2024 ќе ги понуди од 15 до 18 мај во Младинскиот културен центар во Скопје, беше истакнато на денешната средба со новинарите по повод отворањето на фестивалот Литера.
Повеќе од 150 илустрации на гостите илустратори од Туркије, Гизем Ѓозде Учар Серхат Албамја и Мурат Калкаван, како и на македонската илустраторка Наташа Андонова ќе бидат поставени на изложбата што ќе биде достапна од отворањето на фестивалот, в среда од 19 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар.
Гизем Ѓозде Учар и, современи автори и илустратори за деца од Туркије, ќе бидат гости на претстојното 6. издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Фестивалот ќе се одржи од 15 до 18 мај, во Младинскиот културен центар во Скопје.
„Ние сме многу горди што стигнавме до шестото издание на Литера, проект кој го започнавме група ентузијасти во 2018 година. Овој фестивал е израз на нашата преданост кон креативноста и културното наследство, а оваа година ние го прославуваме во Младинскиот Културен Центар, каде овој настан најмногу припаѓа, на младите. За прв пат, во рамките на Литера, навистина сме возбудени да најавиме и Меѓународно Биенале на илустрација што ќе се одржи следната година. Освен тоа, во склоп на годинешната Литера ќе има и Саем на литература за деца, една идеја што природно се вклопува во концепцијата на фестивалот, бидејќи публиката го бара тоа“, изјави Софија Семенпеева Трајановска, директор на фестивалот.
Гизем Ѓозде Учар, авторка и илустраторка, има впечатлива кариера и влијателно присуство во светот на литературата за деца во Туркије. Нејзините книги не само што забавуваат туку и ги образуваат малите умови, поттикнувајќи ги на креативност и размислување.
Со долгогодишно искуство и многу книги во нејзиното портфолио, Гизем Ѓозде Учар претставува еден од најзначајните современи гласови во литературата за деца. Таа ќе одржи мастерклас на 16 мај во 10 часот наменет за илустратори и студенти.
Серхат Албамја е роден во Бурса во 1985 година. Илустрирал детски книги и цртал за месечни детски списанија. Откако имал одредено искуство во изработка на содржини за детски медиуми, напишал и режирал неколку анимирани проекти. Homur & Gumur се емитуваше во различни земји, а некои од неговите книги беа преведени на различни јазици. Сега работи во компанија за мобилни игри и пишува нови приказни за деца. Албамја ќе одржи работилница за илустрација наменета за илустратори и студенти на 17 мај во 10 часот.
Александра Тодоровиќ, пр менаџерот на фестивалот, истакна дека овој фестивал е многу значаен за градот и за државата затоа што преку него воспитуваме културна публика и од најмали нозе ги учиме децата што значи посета на еден настан од ваков тип, колку тој ги образува и учествува во стекнување на културни навики и практики.
Мурат Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги.
Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил.
Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери.
Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Неговото творештво ќе биде промовирано на 17 мај во 12 часот.
Гостинка на фестивалот ќе биде и турската писателка за деца Зејнеп Севде, со која публиката ќе може да се сретне на 16 мај во 12 часот.
Илустраторката Наташа Андонова ќе одржи ликовна работилница за деца „Летаме заедно“ на 18 мај во 10 часот.
Во рамките на „Литера“, ќе биде организиран и Саем на литература за деца, на кој македонските издавачи ќе имаат можност да ги претстават своите најнови изданија. Освен тоа, ќе се организираат средби со автори и промотивни настани. Исто така, „Литера“ и годинава ќе го задржи својот концепт организирајќи трибина на тема „Големи приказни од мали земји“, на која ќе зборуваме како можеме нашите автентични приказни да ги направиме наши препознатливи приказни пред светот.
Меѓународниот фестивал „Литера“ се гордее со портфолиото од успешни изложби што ги организира, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, каква што беше изложбата на Кондовски, до многубројните странски илустратори што го посетиле фестивалот, Младен Туниќ, Доминик Вуковиќ и многу други, „Литера“ продолжува да ги поддржува и да ги промовира квалитетната литература и илустрацијата за деца.
Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е Министерството за култура на Република Македонија.