Северна Македонија и Хрватска потпишаа Договор за културна соработка

Во Министерството за култура и медиуми на Хрватска потпишана е Програма за културна соработка помеѓу Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска и Министерството за култура на Република Северна Македонија за периодот 2022-2025 година.

По повод билатералниот состанок меѓу хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек и министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, потпишана е Програма за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји за периодот 2022 - 2025 година.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека потпишувањето на Договорот за соработка е продолжување на традицијата на пријателство меѓу двете земји и култури.

„Македонската и хрватската култура добро се познаваат, со децении успешно соработуваат и се надополнуваат. За уметниците и културните работници не постојат граници“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Хрватската министерка Обуљен Коржинек наведе дека меѓу двете држави, меѓу уметниците, се реализираат бројни успешни културни проекти, во театарот, музиката, литературата, филмот и визуелните уметности.

„Нашата соработка е видлива во сите подрачја на културата и уметноста, но и во институционалната соработка“, изјави таа.

Двете министерки заедно го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија на улицата „Андрија Хебранг“ во Загреб.

TRT Balkan / агенции
Популарни