Турскиот театар ќе добие нов, сопствен и постојан дом во Скопје

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.

„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа нагласи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.

„Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството“, истакна таа нагласувајќи ја важноста на Турскиот театар.

Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија“.

„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде“, рече Емин Скоро.

Таа дополни дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.

TRT Balkan / агенции
Популарни