Новоформираниот Национален џез-оркестар го одржа својот прв концерт / Photo: MIA

Под диригентската палка на Џијан Емин во Националната опера и балет во Скопје синоќа, гласно одекнаа звуците од првиот концерт на новоформираниот Национален џез оркестар.

На концертот, насловен како „Џез Нова“ беа изведени аранжмани од македонски автори и композиции од членовите на оркестарот.

На свеченото отворање присуствуваше и македонската министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска која на музичарите им посака успешна работа исполнета со многу љубов, разбирање и почит.

„Токму овие музичари со нивното страсно музичко дејствување и влијание ја наметнаа потребата од формирање на државен Биг бенд. Нивната работа ја продолжува традицијата што ја носат нашите музичка култура што ја имаше телевизискиот оркестар на МРТ. Благодарност кон основоположниците на овој жанр од сегашните генерации и младите кои се школуваа во овој музички стил, од срце им честитам и неизмерно му се радувам на новиот почеток на џез оркестарот. Уверена сум дека овие музичари познати во регионот ќе посегнат и кон врвот на светската џез сцена“, истакна министерката Костадиновска Стојчевска.

Директорот на Националниот џез оркестар Гоце Стевковски за МИА изјави дека формирањето на оркестарот е резултат на идивидуалната но и заедничката работа на музичарите.

-Решивме почетокот да го одбележиме со македонски композитори, а во иднина на нашите концерти ќе свириме и Френк Синатра и многу познати светски џез автори, со што публиката ќе ужива, изјави директорот Стевковски.

Тој додаде дека оркестарот во иднина ќе има настапи и во Центрите и Домовите за култура во градовите низ цела Македонија, со цел публиката да може одблиску да ги запознае.

Оркестарот кој во изминатите седум години работеше како Здружение на џез музичари „БИГ БЕНД“ со одлука на Владата доби статус на Национален џез оркестар.

TRT Balkan / агенции
Популарни