Џон Туртуро, славниот американски актер и режисер, денеска одржа Мастерклас во Фестивалскиот центар во Босанскиот културен центар (БКЦ) во рамките на овогодинешниот Сараевски филмски фестивал (СФФ), на кој ја претстави својата богата кариера.
Џон Туртуро се школувал во Сани Њу Палтц и Драмската школа Јеил. Во текот на својата кариера, тој соработуваше со голем број истакнати филмаџии, меѓу кои Спајк Ли, Мартин Скорсезе и браќата Коен.
Тој ја доби наградата за најдобар актер на Канскиот филмски фестивал за улогата во филмот „Бартон Финк“ и наградата „Дејвид Донатело“.
Туртуро е познат по иконскиот лик на Хесус Кинтана од „Големиот Лебовски“(1998) на браќата Коен, кој го повтори во неговиот сопствен филм „Џизс Ролс“. Тoј режираше шест филма, а за филмот „Mек“ ја доби наградата „Камера Д'Oр“.
Туртуро изјави дека познатата кугларска сцена во култниот филм „Големиот Лебовски“ е создадена случајно.
„Не знаев дека ќе ја вметнат таа сцена, тоа го направив за да ја забавувам екипата на сетот“, рече Туртуро за време на неговиот „Мастерклас“.
Тој го опиша како „одлична комедија“ откачениот филм на Џоел и Итан Коен, во кој тој игра мала, но впечатлива улога на осуден педофил и одличен куглар Хесус, кој си игра со топката додека ја фрла.
Туртуро додаде дека му се допаѓа „опуштената атмосфера на снимањата и кога тој режира.
„Актерите мора да се чувствуваат како дома. Убав и успешен процес е кога екипата на сетот се согласува“, рече Туртуро, чии режисерски филмови ги вклучуваат „Мек“ (1992), „Илумината“ (1998), „Романса и цигари“. (2005), „Фејдинг Жиголо“ (2013) и „Џизс Ролс“ (2020).
Потсетувајќи се на своите почетоци, Туртуро изјави дека старите филмови што ги гледал во детството со родителите го инспирирале да сонува и да влезе во светот на актерството.
„Гледав многу стари филмови со моите родители, кои беа големи љубители на филмови. Имаше многу филмови од 30-те, 40-те и 50-те години и поради нив се заљубив во американската кинематографија“, се присети Туртуро.
Тој ја открил европската кинематографија за време на колеџот, а бил инспириран од актери како Џејмс Кегни, Бет Дејвис, Џон Вејн и Барбара Стенвик.
„Тие филмови навистина ме натераа барем да сонувам за нешто. Но не познавав никого во бизнисот, и дури кога отидов да гледам некои претстави со мајка ми, помислив: „Леле, можеби ова е нешто што навустина би можаел да го работам“, призна актерот.
За време на разговорот со модераторката Алиса Сајмон, беше прикажан инсерт од криминалистичкиот филм „Пет агли“ (1987) во режија на Џон Патрик Шенли, каде Туртуро комично ја фрла мајка си низ прозорецот.
„Се сеќавам дека ја гледав оваа сцена со моите родители. Мајка ми плачеше, а татко ми се смееше. Играв навистина лошо момче во тој филм. Мислам дека публиката беше повеќе вознемирена кога го убив пингвинот во филмот отколку мајка ми", рече на шега Туртуро.
Беше номиниран и за „Еми“ и „Златен глобус“, а доби и „Еми“ за улогата во серијата „Монк“ Неговата работа на телевизија вклучува бројни значајни серии.
На Џон Туртуро вечерва ќе му биде доделена наградата „Почесно срце на Сараево“ за исклучителен придонес во филмската уметност.
Серијата разговори во програмата Мастерклас на 30. Сараевски филмски фестивал (СФФ) ги претстави некои од најпознатите филмски уметници.
Пред Туртуро, на Мастеркласот се претставија Корд Џеферсон, Александер Пејн, Елија Сулејман и Мег Рајан.