Бејкер е првиот американски автор што ја освои главната награда на Канскиот фестивал по Теренс Малик со „Дрвото на животот“ во 2011 / Photo: AA

Филмот „Анора“ на американскиот режисер Шон Бејкер ја освои „Златната палма“ на 77. Кански филмски фестивал, кој заврши со доделување на наградите во саботата вечерта.

Филмот говори за бурна романса меѓу сексуална работничка (Мики Медисон) и богат син на руски олигарх (Марк Ејделштајн).

Бејкер е првиот американски автор што ја освои главната награда на Канскиот фестивал по Теренс Малик со „Дрвото на животот“ во 2011.

„Гран-при“, втората награда на фестивалот, ја освои филмот од Индија „Се што замислуваме како светлина“ во режија на Пајал Кападија.

Специјалното признание од жирито му припадна на мјузиклот „Емилија Перез“ на францускиот режисер Жак Одријар.

Наградата за најдобра актерка оваа година ја поделија четири актерки од споменатиот мјузикл: Карли Софија Гаскон, Зое Салдана, Селена Гомез и Адријана Паз.

Наградата за најдобра машка улога му припадна на Џеси Племонс за три улоги во три сегменти од омнибусот „Видови на добрина“ во режија на Јоргос Лантимос.

Втората специјална награда жирито му го додели на иранскиот режисер Мохамад Расолоф за филмот „Свето семе од смоква“.

Португалскиот режисер Мигел Гомеш ја доби наградата за режија за филмот „Гранд турнеја“, а Францинката Коралин Фаргеат ја освои наградата за најдобро сценарио за хорор комедијата „Супстанца“.

За најдобар дебитантски филм награден е Халфдан Улман Тондел за драмата „Арманд“.

Годинава на листата на награди се најде и хрватскиот филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на режисерот Небојша Слијепчевиќ, кој ја доби Златната палма за краток филм.


TRT Balkan / агенции
Популарни