Во март 2000 година три недели пред 72. доделување на Оскарите, исчезнаа сите 55 позлатени статуетки кои Академијата требаше да ги додели и тоа на патот помеѓу Чикаго и Лос Анџелес. Приказната во тоа време беше вистинска сензација, бидејќи највисоката американска институција во светот на филмот објави дека нудат награда од 50.000 долари за дојави во врска со локацијата на драгоцените статуетки.
Во истрагата се вклучи и Федералното истражно биро (ФБИ), но се испостави дека зад сето тоа не стојат никакви вешти криминалци. Всушност, сето тоа го „испланирале“ самите доставувачи и многу бргу беа уапсени.
Доколку крадците можеа да ги продадат Оскарите на отворен пазар, тие всушност воопшто не би се збогатиле. Имено, сите добитници на статуата се обврзуваат дека „нема да продадат или на друг начин да ја отфрлат статуетката, без претходно да не ѝ ја понудат на Академијата за износ од само еден долар“. Правилото исто така се однесува и на секој кој ќе добие или ќе наследи туѓ Оскар. И покрај таквите правила, сепак постои многу профитабилен пазар на статуетки, со кои на црно тргуваат анонимни колекционери. Некои од нив променија сопственици за милиони долари, а неколку исчезнаа без трага.
„Би рекол дека барем 150 статуетки или јавно или полутајно се продадени во последните години“, рече аукционерката Каролин Ешли за Гардијан.
„Цените варират од 10.000 до повеќе од 1,5 милиони долари, а десетина тужби се покренати поради тоа“, додаде таа.
Приказна како сценарио за краток филм
Најголемо внимание привлече случајот со продажбата на Оскарот кој Вивиен Ли го освои за филмот „Однесено со виорот“. Имено, нејзините наследници понудија статуетка на аукција во 1993 година за 553.000 долари, а со оглед дека Ли ги освои пред 1951 година, Академијата не можеше да се запре продажбата.
Сепак, се огласи со соопштение во кое изрази „жалење“ поради тој случај.
Приказната за некои Оскари би можела да послужи барем како сценарио за краток филм. Таков е случајот со статуетката која во 1942 година Орсон Велс ја доби за „Граѓанинот Кејн“, а која неговата ќерка Беатрис ја пријави за исчезната во 1988 година.
Академијата ѝ испрати замена, но во меѓувреме се појави и оригиналната. Се испостави дека Велс му ја дал на снимателот Гери Гравер со кој работел на филмот „Другата страна на ветерот“. Гери се обиде да ја продаде во 1994 година тврдејќи дека статуетката Велс му ја дал како исплата за работата, но Беатрис интервенираше и ја презеде, што значи дека сега постојат два Оскари доделени за филмот „Граѓанинот Кејн“.
Ќерката на славниот режисер успеа подоцна да ја продаде оригинална статуетка, за непознат износ. Таа подоцна повторно се појави во 2011 година кога е продадена на аукција за 862.000 долари.
Уште една интересна приказна е врзана за продажбата на единствениот „детски“ Оскар кој ѝ е врачен на Џуди Гарланд за улогата во „Волшебникот од Оз“. Нејзината статуетка е помала од вообичаената, што ја прави многу баран колекционерски предмет, а исто така наводно е загубена во 1958 година.
Нејзиното исчезнување го пријави Гарланд Сид Луфт и како и ќерката на Велс, доби заменска статуетка која тој се обиде да ја продаде во 1993 година. Меѓутоа, Академијата обезбеди судска забрана за продажба на Оскарите, па Луфт на крајот ѝ ја даде на својата ќерка Лорни.
Оригиналната статуетка од 1940 година се појави неочекувано во 2000 година во рацете на дилер на сувенири кој ја понудил по почетна цена од три милиони долари. Кога Академијата повторно се обиде да ја спречи продажбата, Луфт и продавачот тврдеа дека воопшто не поседуваат Оскар од 1940 година. Мистеријата никогаш не беше решена.
Последниот таков случај се случи минатиот месец, кога една жена е спречена да продаде Оскар кој Дејвид Ворд го добил за сценарио на филмот „The Sting" во 1974 година. Судот одлучи дека таа може да ја продаде статуетката само на Академијата и тоа за 10 долари.
И славните личности меѓу купувачите на Оскари
Оскарите освоени пред 1951 година и понатаму се појавуваат на пазарот, па така на пример во 2012 година, 15 златни статуетки се продадени за вкупно три милиони долари.
Купувачите не се именувани, а продавачот е претставен како „бизнисмен од Лос Анџелес кој има врска со забавната индустрија“. Купувачите се главно големи љубители на филмот кои остануваат анонимни, но во 2003 година Дејвид Коперфилд јавно призна дека го купил Окарот за филмот „Казабланка“ на аукција по цена од 232.000 долари. Дури успеа и да го препродаде во 2012 година и тоа за два милиони долари.
Уште еден познат колекционер беше Мајл Џексон, кој во 1999 година плати тогаш рекордни 1,5 милиони долари за статуетката доделена за филмот „Однесено со виорот“.
Други купувачи имаа поинакви мотиви. Стивен Спилберг во 1996 и 2001 година откупи Оскари кои му припаѓаа на Кларк Гејбл („Се случи една ноќ“) и Бети Дејвис („Џезбел“ и „Опасна“) за вкупно 1,4 милиони долари, а потоа сите три статуетки ѝ ги донираше на Академијата.
Кевин Спејси слично постапи откако го откупи оскарот на Џорз Стол од 1946 година за најдобра филмска музика („Крени го сидрото“). Академијата одбива да соопшти колку статуетки поседува, но дваесет од нив се изложени во Музејот на Академијата во Лос Анџелес.