Откако Владата на Велика Британија објави пакет за намалување на даноците од 45 милијарди фунти, британската фунта падна на историско најниско ниво од 1,0350 во однос на доларот.
Британскиот министер за финансии, Квази Квартенг, во петокот информираше дека земјата се подготвува за спроведување на даночните намалувања, кои ќе изнесуваат вкупно 45 милијарди фунти.
Тоа ги зголеми очекувањата дека надворешниот долг на земјата ќе се зголеми, со што предизвика губење на вредноста на фунтата.
Меѓу другото, загриженоста на инвеститорите за влијанието на војната во Украина врз цените на енергијата и рецесијата, исто така, го зголеми притисокот врз фунтата.
Аналитичарите сметаат дека Централната банка на Англија ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки со цел да ја контролира инфлацијата во наредниот период.
Централната банка на Англија минатата недела ја зголеми основната каматна стапка за 50 процентни поени со што се искачи на 2,25 отсто.
Инфлацијата во земјата моментално е на 9,9 отсто, што е највисоко ниво во последните 40 години.
Рејчел Ривс, министерка за финансии во сенка на опозициската Лабуристичка партија во Велика Британија, рече дека алармантно е тоа што паѓа вредноста на британската фунта.
Наведувајќи дека министерот за финансии Квартенг треба да го објасни ефектот на даночните намалувања врз јавните финансии, Ривс истакна дека пазарите се загрижени поради тоа.