Руската одбранбена компанија „Калашников“ соопшти дека во 2022 година остварила највисоко производство на оружје во последните 20 години.
Во соопштението се наведува дека компанијата минатата година го зголемила производството на оружје за 40 отсто во однос на 2021 година. Се додава дека „Калашников“ минатата година исполнил 45 производствени нарачки за држави, а реализирал и 25 нарачки во областа на воено-техничката соработка.
Во соопштението се истакнува и дека станува збор за најголемите нарачки што се реализирани во историјата на компанијата, како и дека производството на оружје достигнало највисоко ниво во последните 20 години.
Калашников, познат и како АК-47, е автоматска јуришна пушка што ја користеа повеќето армии од Источниот блок по Втората светска војна.
Пушката е дизајнирана во 1947 година од Михаил Калашников, како прва вистинска автоматска јуришна пушка во светот. За разлика од повеќето автоматски пушки од Втората светска војна, АК-47 беше компактна и лесна пушка, со добар дострел, робусно оружје со можност за контрола на огнот (автоматска, полуавтоматска и единечна).
Калашников и денес е во широка употреба, па е на врвот во светот по бројот на произведени парчиња.