Многу земји ги активираа старите реактори на нуклеарните централи     Фото:

По проблемите со истекувањето во јапонската нуклеарна централа „Фукушима“ во 2011 година, се зголеми притисокот на јавноста во многу земји, појавувајќи се загриженост за безбедноста на нуклеарните централи, поради што и пристапот кон нуклеарната енергија се сврте во негативна насока.

Некои земји со зголемувањето на климатската и еколошката свест подготвија планови и програми за напуштање на нуклеарните централи и се свртеа кон природниот гас поради неговото изобилство и разумните цени на пазарите.

Оваа година, со растот на геополитичките тензии и енергетската криза што настана поради Руско-украинската војна, во енергетските стратегии на развиените земји, еколошките пристапи се заменети со политики кои ѝ даваат приоритет на енергетската безбедност.

Во последниве месеци, големите светски економии, соочени со брзото зголемување на цените на фосилните горива и недостигот во снабдувањето со енергија, се свртеа кон продолжување на работните часови на застарените нуклеарни реактори, повторно отворање на реакторите што беа затворени во минатото и подготвување нови проекти за нуклеарни централи, со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија и непрекинато производството на електрична енергија.

Кина

Кина 5 % од потребната електрична енергија ја обезбедува од 54 нуклеарни реактори. Во моментов во земјата се градат 22 реактори. Има уште 38 реактори за кои Кина ги одобри плановите за изградба.

Кина планира да изгради од шест до осум нуклеарни реактори секоја година до 2025 година и да биде земја со најголем капацитет на ова поле до 2030 година.

Кина, која во април одобри изградба на шест нови реактори, оваа недела одобри изградба на четири нови реактори за две нуклеарни централи.

САД

Соединетите Американски Држави (САД) се лидер во производството на нуклеарна енергија. Благодарение на 92 активни реактори, САД обезбедуваат 20 отсто од потребите за електрична енергија во земјата. Во моментов, во тек е изградба на два реактори.

Во земјата се спроведуваат интензивни студии и инвестиции за изградба на модуларен нуклеарен реактор.

Во последно време се спроведуваат студии и истражувања за изградба на нуклеарни централи на местото на старите термоелектрани во земјата.

Индија

Индија има 22 нуклеарни реактори. Нуклеарните централи произведуваат 3 % од електричната енергија во земјата. Во моментов продолжува изградбата на осум реактори.

Индија сака за трипати да го зголеми производството на електрична енергија од нуклеарни централи во наредните десет години.

Поради енергетската криза, најголемата компанија за производство на електрична енергија во земјата почна да инвестира во две нови нуклеарни реактори.

Индија планира да изгради 12 нови реактори.

Јапонија

Пред несреќата во нуклеарната електрана „Фукушима“ во 2011 година, Јапонија задоволуваше 30 отсто од своите потреби за електрична енергија преку нуклеарните централи.

Во Јапонија, која по несреќата ги затвори поголемиот број реактори, сѐ уште работат 33 нуклеарни реактори.

Соочена со зголемените цени на енергијата, Владата на Јапонија, која повторно ги насочи погледите кон нуклеарната енергија, одлучи до пристигнувањето на зимата да го зголеми бројот на активни реактори.

Покрај седумте активни реактори, одлучено е да се активираат уште девет.

На тој начин ќе се обезбеди покривање на 10 % од потребите за електрична енергија во земјата од нуклеарни централи.

Јужна Кореја

Во Јужна Кореја 28 % од потребите за електрична енергија се обезбедуваат од нуклеарните централи.

Во земјата има 25 активни реактори, а продолжува изградбата на уште три.

Со појавата на енергетската криза, Јужна Кореја се откажа од стратегијата за излез од нуклеарните централи и одлучи да ги зголеми инвестициите на ова поле.

Земјата планира да изгради 10 нуклеарни централи до 2030 година. На тој начин учеството на нуклеарните централи во производството на електрична енергија ќе се зголеми на 30 проценти.

Германија

Германија планираше постепено да ја укине употребата на нуклеарните централи.

Но, по избувнувањето на војната во Украина иницирана од Русија, Владата почна да се подготвува за можноста од прекин на снабдувањето со гас од Русија.

Минатата година, од вкупното производство на електрична енергија во Германија, 12 % се обезбедија од шест нуклеарни реактори.

Германија презеде итни мерки за да го намали можниот јаз во производството на електрична енергија оваа зима.

За таа цел, одлучено е да се задржат во резерва нуклеарните централи „Исар 2“ во покраината Баварија и „Некарвестхајм 2“ во покраината Баден-Виртемберг.

Овие електрани ќе бидат во резерва за итни случаи до средината на април 2023 година.

Велика Британија

Во земјата активни се девет нуклеарни реактори. Овие реактори обезбедуваат 15 % од потребите за електрична енергија на Велика Британија.

Заедно со појавата на енергетската криза, Велика Британија одобри проект за изградба на нуклеарна централа вреден 30 милијарди фунти. Во тие рамки, се очекува да започне изградбата на нуклеарната централа „Сајзвел Си“ со два реактори во југоисточниот дел на земјата.

Франција

Во Франција 70 % од електричната енергија ја произведуваат 56 нуклеарни реактори.

Француската енергетска компанија „Електрик де Франс“ (EDF) ги забрза процесите на одржување, со цел што е можно повеќе реактори да се доведат во активна состојба во текот на зимските месеци.

Претседателот Емануел Макрон го објави планот за изградба на 14 нови нуклеарни реактори за да ја ослободи зависноста на Франција од фосилните горива.

Покрај тоа, одлучено е во земјата да се инвестира во технологијата на мини-модуларни нуклеарни реактори (SMR).

Белгија

Во двете белгиски нуклеарни централи работат седум реактори. Електричната енергија произведена од нуклеарните реактори задоволува околу 50 % од потребите на земјата.

На двете нуклеарни централи во Белгија, кои беше планирано да се затворат во 2025 година, периодот на работа им е продолжен 10 години поради енергетската криза.

Освен тоа, започнаа и активностите за продолжување на работниот век на два реактори кои требаше да бидат затворени оваа зима.

Холандија

Холандија, која има еден нуклеарен реактор, почна да планира инвестиции за два нови нуклеарни реактори.

Полска

Земјата која планира изградба на шест реактори, започна со активности за инвестиции во нуклеарни реактори со мал капацитет.

AA
Популарни