Европа се подготвува за надминување на енергетската криза за оваа зима складирајќи двојно повеќе гас во складиштата. Стапката на исполнетост на капацитетите за складирање на природен гас во Европа достигна 60 проценти на крајот на јуни, од 28 проценти, колку што изнесуваше на крајот на зимата, според Гас Сториџ Јуроп, постројките за складирање гас (AGSI+).
Поради енергетската криза во Европа предизвикана од војната помеѓу Украина и Русија, континентот кој е силно зависен од руските испораки на гас, се согласи да ги диверзифицира своите ресурси и да ги наполни складиштата за гас пред зимските месеци.
AGSI+ покажа дека на крајот на февруари, вкупната стапка на искористеност на складиштата беше 28 проценти, а таа се намалила на 26 проценти на крајот на март. Оваа стапка се искачи на 33 проценти на крајот на април, 47 проценти на крајот на мај и 60 проценти на крајот на јуни.
Институциите на Европската Унија (ЕУ) постигнаа консензус на 19 мај за легислативата со која ќе биде задолжително полнењето на најмалку 80 проценти од подземните складишта на природен гас во земјите членки до зима.
Португалија е единствената земја која ги наполни своите складишта со природен гас до 97 проценти. Слично на неа, Велика Британија има стапка на исполнетост на складиштата од 94 проценти.
Германија, пак, земја која важи за висок потрошувач на природен гас, ги има исполнето складиштата до 62 проценти.