Европа бара алтернативи за рускиот гас      Фото: Ројтерс

Во потрагата по алтернатива за рускиот природен гас, Европската Унија (ЕУ) се фокусира на обновливите извори на енергија, течниот природен гас и дополнителните количини гас што може да се купат од Азербејџан,.

Според податоците од Меѓународната агенција за енергетика и азербејџанското Министерство за енергетика, Азербејџан лани произвел 43,9 милијарди кубни метри природен гас.

Баку, минатата година извезе 18,9 милијарди кубни метри гас од своето производство, 8,5 милијарди кубни метри гас извезе во Туркије. Во овој период, преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП) во Европа се трансферирани 8,2 милијарди кубни метри.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во февруари истакна дека преостанатиот природен гас бил извезен во европските земји како што се Бугарија и Грузија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон денеска во Азербејџан ќе одржат состаноци.

Во вчерашниот твит на официјалниот профил на Европската комисија се истакнува: „Во период кога Русија продолжува своите енергетски ресурси да ги користи како оружје, диверзификацијата на нашиот увоз на енергија е приоритет за ЕУ. Претседателката Фон дер Лајен и Кадри Симсон утре се во Азербејџан за дополнително да ја зајакнат соработката.“

Во рамките на посетата предвидено е да се водат преговори за набавка на дополнителни количини на природен гас од Азербејџан.

За зголемување на испораката на гасот од Азербејџан потребни се дополнителни инвестиции. Азербејџан има 1,3 билиони кубни метри резерви на природен гас.

Покрај дополнителните инвестиции во гасоводот и проширувањето на капацитетите, Баку треба значително да го зголеми производството на природен гас.

Годишниот капацитет на ТАП, европскиот крак на Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП), изграден во рамките на Јужниот гасен коридор, се пресметува на 10 милијарди кубни метри.

Гасоводот е изграден на таков начин што неговиот капацитет може двојно да се зголеми.Во меѓувреме, на 8 јули во Комотини, Грција, се отвори гасоводот Грција-Бугарија (IGB). Гасоводот Грција-Бугарија (IGB) долг 182 километри, кој е поврзан со ТАП, азербејџанскиот природен гас го транспортира во Европа.

Доколку капацитетот на Гасоводот Грција-Бугарија (IGB) се пресмета заедно со капацитетот на ТАП, ќе се види дека заменува мал дел од гасот што Европа го купува од Русија.Европа годишно купува околу 155 милијарди кубни метри природен гас од Русија. Доколку купува многу повеќе гас од Азербејџан, може да има некоја значителна замена.

Европа сака зголемување на капацитетот на Јужниот гасен коридор. Технички е можно да се зголеми капацитетот на ТАП од 10 милијарди кубни метри на 20 милијарди кубни метри.

Зголемувањето на капацитетот на ТАНАП од 16 милијарди кубни метри на 24 милијарди кубни метри, а потоа и на 31 милијарда кубни метри се смета за цел која е можно да се постигне преку инвестиции.

Но, овие цели не е можно да се реализираат пред 5 години, бидејќи иако се инвестира за зголемување на капацитетите, потребни се дополнителни протоколи и договори.

Имајќи предвид дека и Азербејџан треба значително да го зголеми производството на природен гас, се очекува земјата во блиска иднина да не биде во можност да помогне за значително намалување на зависноста на Европа од рускиот гас.

AA
Популарни