Дали би се иселиле од земјата, ако имате десетици милиони долари на вашата сметка? Не, не се селат само оние што немаат пари туку земјата ја напуштаат и имотните. Од 80 до 100 илјади милионери годишно мигрираат од нивните матични земји и се преселуваат од различни причини, некогаш за даночни олеснувања, а некогаш поради неповолна политичка состојба во сопствената држава. До крајот на годината се очекува најголем одлив на милионери да доживее Русија, и тоа 15.000 индивидуалци од висок профил ќе ја напуштат земјата која воено ја нападна Украина.
Трендот на миграција на милионери е во нагорна линија во последните неколку години. Ако во 2013 година само 50.000 милионери ги смениле националните граници, веќе во 2018 година нивниот број се дуплирал. Најмало движење меѓу светската елита имало за време на 2020 година, што е разбирливо поради последиците од пандемијата со Ковид-19.
Сепак, милионерите „не ги држи место“ па така веќе во 2021 година бројот на преселби се дуплирал, а до крајот на 2022 година се очекува околу 88.000 милионери да ја сменат нивната резиденција, стои во извештајот „Глобални граѓани“ на аналитичката куќа „Хенли“.
Од каде тргнува милионерскиот „егзодус“?
Силните санкции на Западот против руската економија на своја кожа го почуствуваа многу милионери од Руската Федерација.
До крајот на 2022 година дури 15.000 руски милионери ќе мигрираат кон нови дестинации. Воениот виор кој ја втурна земјата во копнена инвазија на Украина и непредвидливите околности доведе до рекорден број на руски милионери кои ја напуштаат земјата.
Од Кина се очекува да се иселат околу 10.000 милионери, а преместување ќе побараат и 8.000 милионери од Индија. Од Хонг Конг околу 3.000 милионери ќе бараат нова земја на постојан престој.
Од Украина се очекува да си заминат речиси 2.800 поединци со милиони на банкарските сметки. Тоа е речиси половина од вкупниот број на милионери во земјата.
Мамка за милионерите
Додека од некои земји се случува негативна миграција, други пак, се како мамки за милионерите. Оваа година најголем прилив на нерезидентни милионери ќе имаат Обединетите Арапски Емирати. Во ОАЕ до крајот на 2022 година се очекува пристигнување на 4.000 нови милионери.
Австралија исто така е меѓу најпосакуваните дестинации за милионерите од светот, и во оваа земја ќе има 3.500 нови милионери кои ќе го преселат капиталот.
Во позитива ќе бидат и Сингапур, Израел, Швајцарија, Грција, Португалија, Канада и Нов Зеланд. Кон овие дестинации до крајот на годината ќе се упатат околу 12.000 нови милионери.
„Немилосрдната нестабилност во преодниот период по Ковид-19 ги зголемува безбедносните, политичките и економските ризици, поттикнувајќи ги богатите семејства да ги диверзифицираат своите домашни портфолија за да обезбедат заштита на нивното наследство, богатство и начин на живот“, стои во проценката на „Хенли“.
Веќе во 2023 година се очекува да се надмине бројката од 125.000 милионери за кои домашните граници нема да бидат сигурни и ќе бараат нова земја домаќин, што ќе претставува рекордна миграција на поединци со најмалку шест нули на контото.