Руски селебрити најдоа начин како да ја пополнат празнината која ја остави повлекувањето на Старбакс, познатиот бренд за кафе за носење. Американската компанија целосно се повлече од рускиот пазар откако започна војната во Украина. Сега, Русите наместо во Старбакс кафе по мерка ќе пијат во „Старс кафе“, предводено од популарниот рапер Тимати и сопственикот на ресторани Антон Пински, надевајќи се дека ќе биде доволно добро како и оригиналот.
Дуото го отвори првото кафуле на локација која претходно ја раководеше франшизата на Старбакс, но многу промени нема да се почуствуваат. Името, па дури и логото се многу слични на брендот од Америка, а гостите може да нарачаат кафе за носење во речиси идентична понуда.
Пред голем број на заинтересирани посетители беше претставено и новото лого, со женска фигура која носи ѕвезда, но со кафени нијанса, наместо зелени.
Со оглед на забраната за користење на Старбакс логото, Тимати вели дека тие се обиделе да најдат некаков континуитет, па така кружната форма со женска глава, која смета дека има добар контраст со кафената „машка боја“ налик на пура во новото лого.
„Перцепциите на луѓето може да бидат различни. Но, ако споредите, тогаш освен кругот, нема да најдете ништо заедничко“, смета Пински.
Засега од Старбакс немаат коментар за новоотворената продавница за кафе, освен дека остануваат на ставот за целосно повлекување и дека нивниот бренд повеќе не е присутен на рускиот пазар.
За раперот Тимати, влезот во угостителскиот бизнис не бил многу тежок. Како што вели лесно нашле дистрибутери на квалитетно кафе од Африка и Јужна Америка, соработуваат и со врвни баристи кои ги подготвуваат мешавините, па смета дека имаат конкурентен производ.
Кој ја пополнува празнината?
Старбакс имаше 130 продавници во Русија, управувани од нејзиниот носител на лиценцата Алшаја Груп, со речиси 2.000 вработени во земјата. Пински рече дека продавниците постепено повторно ќе се отвораат во текот на август и септември. Инаку, Старбакс во Русија работеше 15 години, но како и многу други западни брендови годинава ја напушти земјата.
Бидејќи Старбакс функционира врз база на доделување франшиза, нивните средства полесно се ликвидираат, во споредба со брендови како на пример Рено кој уделот во автомобилската компанија Автоваз го продаде за само една рубља на руски инвеститор. Рестораните МекДоналдс сега се именува „Вкусно е, и точка“ во обид да се задржат локациите и понудата за брза храна за руските потрошувачи.
Дуото сопственици Тимати и Пински со франшизата ќе управуваат откако победиле на тендер, но не откриваат колку вреди договорот со Алшаја групација.
„Инвестиравме онолку колку што им плативме. Ова е скапо задоволство“, вели Пински.
Тимати, еден од најпознатите руски рапери најмногу по песната „Путин ми е најдобар пријател“, е со-основач на синџирот Блек Стар Бургер во Русија каде продава негови брендирани бургери. Двајцата велат дека нема да застанат со инвестициите.