Епл (Apple) се соочува со серија предизвици кога е во прашање продажбата на електронските уреди на европскиот и на рускиот пазар. Европската Унија минатата недела донесе одлука според која од есента 2024 година УСБ-Ц полначот ќе биде единствен универзален полнач за сите мобилни телефони, таблети, камери на европскиот пазар. Односно, Епл до тогаш ќе мора да го адаптира своето производство доколку сака да биде конкурентен.
Универзален полнач за сите уреди
Сепак законските одредби кои ги донесе Брисел не предвидуваат обврзувачка продажба на полнач. Тоа значи дека може да се случи новите електронски уреди да бидат продавани посебно како и полначите. Во предлогот на Европската Комисија кој го изгласа Европскиот Парламент се вели дека УСБ-Ц ќе биде универзален за полнење на сите уреди без оглед на брендот како и дека брзината на полнење ќе биде иста за сите компатибилни уреди.
Одлуката на ЕУ за типот на полначот е донесена откако компаниите производители на електронски уреди не успеаја да се договорат. Оваа идеја на ЕУ е стара десет години.
„Одлуката ќе им заштеди на потрошувачите во Европа 250 милиони евра, односно 267 милиони долари”, се наведува во соопштението од Брисел.
Неофицијални канали преку Казахстан
Главоболките околу полначот на европскиот пазар не се единствените кои го мачат Епл. За компанијата предизвик е ограниченото присуство на рускиот пазар поради санкциите кон Русија.
Официјалната продажба кон Русија на производите на Епл е запрена. Сепак, како што пренесуваат медиумите, економските аналитичари објаснуваат дека производите на Епл стигнуваат на рускиот пазар од трети земји. Тоа најчесто е преку Казахстан, земја за која нема санкции.
„Сега доста компјутерска опрема која беше наменета за Казахстан се продава во Русија. Уште е нејасно како ќе се однесуваат сите земји од кои електронски уреди се увезуваат кај нас. ЕУ веројатно ќе дозволи доста од тоа да се криумчари”, вели економистот Димитри Прокофјев.
Според Прокофјев и други земји имаат амбиции да профитираат од ситуацијата во Русија.
„Кина исто така сака да профитира од Русите и ги продава нејзините производи во нашата земја бидејќи сме во ваква ситуација”, смета Прокофјев.
Тој е со став дека продажбата на „ајфон“ и на „мекбук“ на рускиот пазар ќе и одговара и на руската влада бидејќи како што вели празните излози се првиот знак за тоа дека нешто не е во ред.
Аналитичарот на „Телеком Дејли“ Илија Шатилин смета дека и пред ограничувањата производите на Епл често по неофицијални канали стигнувале во Русија. Тоа порано, како што вели тој, бил начин да се купат по пониска цена, а сега е единствениот начин да се набават.
4,4 милиони смартфони за една година
Според податоците од малопродажбата, уделот на Епл на рускиот пазар изнесувал 16,8 отсто, според обемот на продажба и 44,8 отсто, според парите потрошени за набавка. Во 2021 година во Русија биле продадени 4,4 милиони смартфони на Епл.