Француската Влада ќе ја национализира ЕДФ     Фото: Reuters

Франција планира да ја национализира најголемата европска компанија за нуклеарна енергија ЕДФ (Électricité de France) по цена од околу 10 милијарди евра, за да ја осигура безбедноста на енергетските резерви за претстојната зима.

Во овој период од годината, Франција вообичаено има вишок на електрична енергија кој го извезува, но сега состојбата е обратна. Франција се повеќе зависи од увозот на струја од европските земји, и очекува влошување на енергетската криза во следните месеци.

Што опфаќа планот за национализација?

Владата на Франција преку Министерството за финансии понуди 12 евра по акција за целосна контрола над ЕДФ каде веќе поседува 84% од акциите. Со национализацијата компанијата повеќе нема да биде на јавниот пазар.

Понудата опфаќа за 53 отсто повисока цена на акциите тргувани заклучно со 5 јули, но е за речиси 65 отсто пониска отколку првичната цена кога енергетската компанија излезе на берзата во 2005 година, по цена од 33 евра за акција, па така се очекува многумина инвеститори во акциите на ЕДФ да се соочат со финансиски загуби.

ЕДФ се соочува со непланирани дефекти на нуклеарните капацитети, што доведе до зголемени трошоци, доцнења при изградбата на новите реактори и ограничувања со тарифите за електрична енергија што ги наметна владата за да ги заштити француските потрошувачи од зголемените цени на електричната енергија.

ЕДФ има долг од 43 милијарди евра     Фото:  Reuters

Државната интервенција е неизбежна

Војната во Украина ја продлабочи кризата на енергетската групација која е оптоварена со долгови. Додека Европа се обидува да најде алтернативи за испораките на руски гас, Франција истакнува дека национализацијата на ЕДФ ќе ја зголеми безбедноста на нејзините енергетски резерви.

Ова нема да биде првата национализација или државна интервенција на пазарот. Германија соочена со растечки цени и исцрпеност на доставата на енергија низ цела Европа го извлече од долгови Унипер, најголемиот германски увозник на гас од Русија.

Планот на Министерството за финансии на Франција е да го заврши процесот во текот на есента, најпрво со достава на понудата за преземање преку регулаторот на берзата во септември, а потоа компанијата да ја тргне од листата на јавно тргување на пазарот на капитал до крајот на октомври.

„Тоа е инвестиција што ќе ни овозможи масовно да инвестираме во нуклеарната енергија“, изјави министерот за буџет Габриел Атал за француското „Инфо“ радио.

Како дојде до кризата и презадолженоста на ЕДФ?

Франција за планираната национализација посочува дека ќе нема потреба од согласност од Европската Комисија, инаку процес што може да го успори нивниот план ако е потребна едногласна согласност од сите земји членки.

Долгот на ЕДФ се проценува дека изнесува околу 43 милијарди евра. ЕДФ беше обврзана и да испорача околу 8 милијарди евра за „борба со растот на цените на гасот во време на криза“.

Истовремено централите со кои располага, а работат на гас исто така предизвикуваат зголемени долгови, бидејќи цените на гасот „скокнаа до небо“.

Компанијата поради тарифите имаше обврска да ја продава струјата по многу ниска цена на пазарот до конкурентите, а потоа повторно да ја откупува, но по пазарна цена. Причините за кризата во ЕДФ дојдоа откако пазарните цени на струјата се зголемија за речиси четири пати.

Reuters
Популарни