Кој на Балканот има најголема трговска размена со Украина и Русија?     Фото: TRT Balkan

Руската инвазија на Украина во голема мера ќе влијае на трговската размена на земјите од Балканот со овие две држави. Затворените пазари и отежнатиот извоз и увоз како и санкциите ќе ги одредат економските релации. Најголеми проблеми се очекуваат во делот на енергенси и прехранбени продукти чии извозници во најголем дел директно или индиректно на Балканот се Русија и Украина.

Секоја од државите во регионот има различен сооднос на извозот и увозот со земјите инволвирани во војната. Во продолжение гледаме што Киев и Москва извезуваат на Балканот, а што увезуваат од овој регион и каков е соодносот во трговската размена.

Северна Македонија извезува лекови и зеленчук во Украина

Украина не е меѓу 20-те најголеми трговски партнери на Северна Македонија. Трговската размена со Украина претставува 0,9 отсто од вкупната трговска размена на Северна Македонија.

Производите кои Северна Македонија ги извезува во Украина се околу 0,2 отсто од вкупниот македонски извоз. Производи и стоки во вредност од околу шест милиони евра се извезуваат во Украина. Во најголем дел станува збор за лекови, акумулатори, зеленчук, тутун, текстилни производи. Од друга страна, украинските производи во Северна Македонија во 2020 и во 2021 година претставуваат 1,2 отсто односно 1,3 отсто од вкупно увезените производи. Најголем дел се производи од железо и челик, поливинил хлорид, шперплочи, овошје, зеленчук, пластична и стаклена амбалажа.

Ниту Русија не зема голем дел од вкупната трговска размена на Северна Македонија. Само 0,7 отсто од извозот и 1,7 отсто од вкупниот увоз на Северна Македонија е со Русија. Инвестициите на Русија и Украина во Северна Македонија изнесуваат 0,5 отсто од вкупните инвестиции.

Војната со импликации врз црногорската економија?

Руско-украинскиот конфликт има поголем потенцијал негативно да се одрази врз економијата на Црна Гора. Русите во 2021 година биле најголеми инвеститори. Според Централната банка, Русите инвестирале 164 милиони евра.

Црна Гора е во голема мера зависна од Украина и Русија и во делот на туризмот-144. 000 туристи во 2021 година ја посетиле Црна Гора од овие земји.

Според црногорскиот Завод за статистика, минатата година Црна Гора од Русија увезла стоки од 10 милиони евра. На прво место се цигарите со износ од 3,3 милиони евра, а потоа нафта и гас за 1,8 милиони евра. Извозот на Црна Гора во Русија бил 2,3 милиони евра, најмногу обработен камен за споменици и други градежни работи.

Од Украина увозот бил шест милиони евра. Во најголем процент месо и суво овошје, а извозот изнесувал 1,3 милиони евра, во најголем дел оружје и делови за авиони.

Украина од БиХ купува лекови, тутун, кујнски производи

Вкупниот увоз на стоки од Украина во Босна и Херцеговина во 2021 година бил околу 18 милиони евра, а извозот кон Украина нешто над 4,5 милиони евра.

Украина во БиХ најмногу извезла полимери од винил хлорид, листови за шперплочи, јаглен, зрнести производи, фрижидери ... Босна и Херцеговина во Украина извезувала лекови, конструкции, кујнски производи, тутун, производи од железо и челик, необработено дрво и друго. Што се однесува до размената со Русија, БиХ во 2021 година имала увоз од 138,7 милиони евра од Русија. Станува збор за минерални горива и масла, воздухоплови, дрво и друго. Од друга страна БиХ во Русија извезла производи во вредност од 53,9 милиони евра и тоа во најголем дел лекови, неоргански хемиски производи, мебел, постелнина, обувки и друго.

Русија четврти трговски партнер на Србија

Русија е четврти трговски партнер по големина во Србија. Од вкупната трговска размена на Србија од 46 милијарди евра во 2021 година, 4,6 отсто отпаѓаат на Русија. Србија увезла стоки од Русија во вредност од 1,3 милијарди евра од кои најмногу нафта и гас, а извезла во Русија стоки вредни 781,4 милиони евра од кои најмногу овошје.

Србија има значителна трговска размена и со Украина од над 287 милиони евра. Главни производи кои Србија ги извезува во Украина се минералните ѓубрива, подлоги за подови, лим, хартија, картон. Од друга страна околу 70 отсто од увозот од Украина е во железо, производи од дрво, црни метали, машини, феро манган.

Половина пченица во Албанија доаѓа од Русија и Украина

Албанија може најмногу да го почувствува конфликтот меѓу Русија и Украина во делот на туризмот и житните култури. Дури 46 отсто од пченицата ги набавува од Русија, а од Украина четири отсто.

Трговската размена меѓу Албанија и Украина за земјоделски производи изнесува 15,5 милиони евра со суфицит на украинска страна. Албанија од Украина увезува најмногу пченица и други житни култури и јаткасти плодови, а извезува зеленчук, маслиново масло, овошје, риба морски плодови. Според Државниот завод за статистика, трговската размена на Албанија со Русија во 2020 година изнесувала 300.000 евра, од кои две третини отпаѓаат на увоз.

Незначителен извоз на Косово во Украина

Што се однесува до Косово, Украина е 30-та земја според висината на трговската размена. Во 2021 година двојно е зголемен износот од увезени украински производи на Косово во однос на 2020 година-од 18 на 36 милиони евра. Тоа се текстил, керамика, брашно, кафе и други производи.

Извозот од Косово во Украина е незначителен-од 70.000 евра извоз во 2020 година , падна на 22.000 евра во 2021.

Во 2021 година увозот на руски производи изнесува над 50 милиони евра. Најмногу житни производи, овошје, масло, шеќер, керамика и друго.

TRT Balkan
Популарни