Поголемите европски компании преферираат онлајн состаноци и ѝм нудат на вработените далечински пристап на работа до сите ресурси на претпријатието
Пандемијата на Ковид -19 ги промени моделите на работа и наведе многу претпријатија да се свртат кон виртуелни состаноци за да го премостат физичкото растојание и да ги одржат своите бизниси.
Тој тренд продолжи и лани, па во ЕУ дури 50 отсто од компаниите со 10 или повеќе вработени или самовработени лица спроведувале состаноци на далечина преку интернет, покажува анализата на Евростат.
Извештајот покажува дека постои голема разлика меѓу членките на ЕУ во однос на користењето на овој тип состаноци кои најмногу се одржувале во Шведска (79,4%), Финска (78,5%), Данска (78,0%), Малта (68,3%) и Ирска (63,6%).
Драстично помал процент е забележан во Бугарија (28,2%), Унгарија (29,4%), Романија (31,2%), Грција (32,9%) и Словачка (35,2%).
Статистичките податоци за далечински пристап на работа имаат за цел да ја измерат технолошката подготвеност на претпријатијата да им овозможат на нивните вработени да работат од далечина, давајќи им далечински пристап до три вида ресурси на претпријатието: до системот за е-пошта, до документите и до деловни апликации или софтвер на претпријатие.
Статистиката покажува дека во 2022 година речиси 6 од 10 претпријатија (57%) со десет или повеќе вработени или самовработени лица им ги понудиле сите три вида далечински пристап на работа на своите вработени.
Кога станува збор за големината на претпријатијата, 91 % од големите претпријатија (250 или повеќе вработени или самовработени лица) им ги понудиле сите три типа далечински пристап на своите вработени, а истото се случило кај 77,2% од средните претпријатија (од 50 на 249 вработени или самовработени лица) и кај 52,4% од малите претпријатија (од 10 до 49 вработени или самовработени лица).
Големите претпријатија се лидери во користењето на сите видови на далечински пристап.
Речиси сите големи претпријатија понудија далечински пристап до системот за е-пошта на претпријатието (97,2%), до документите на претпријатието (на пример, датотеки, табели, презентации, графикони, фотографии) (94,0%) и до деловни апликации или софтвер на претпријатието ( на пример, пристап до сметководство, продажба, нарачки, системи за управување со односи со клиенти (CRM)) (92,4%).
Што се однесува до средните претпријатија, 90,9% им дале на своите вработени далечински пристап до системот за е-пошта, 83,0% до документите на претпријатието и 80,4% до деловните апликации или софтверот на претпријатието.
Споредбено, малите претпријатија обезбедувале далечински пристап во помала мера, бидејќи 74,8% од нив им дале на своите вработени далечински пристап до е-пошта, 60,9% до документи и 57,5% до деловни апликации или софтвер на компанијата.