Во Скопје е отворен новиот трговски центар „Дајмонд мол“, што е изграден од страна на Групацијата „Лимак“.
На церемонијата на отворање присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, почесниот претседател на Групацијата „Лимак“, Нихат Оздемир, амбасадорот на Туркије во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, претставниците на турските организации и институции во земјата, градоначалници и голем број поканети гости.
Почесниот претседател на Групацијата „Лимак“, Оздемир, изрази возбуденост што прават важен чекор во рамки на проектот „Diamond of Skopje“, што се состои од станбени објекти, хотел, деловни простории и трговски центар.
Тој нагласи дека трговскиот центар „Дајмонд мол“, изграден на површина од 48.000 метри квадратни, ќе ја ревитализира економијата не само на Скопје, туку и на земјата и на Балканот, и ќе придонесе во вработувањето.
„Овој трговски центар кој го отвораме денес, е последната алка од проектот „Diamond of Skopje“, кој чини 350 милиони евра и обезбедува 1000 работни места од различни сектори“, нагласи Оздемир, додавајќи дека проектот „Diamond of Skopje“, целосно ќе заврши кон крајот на 2024 година.
„По 9 дена ќе ја одбележиме 100-годишнината на Република Туркије. Целта ни е под водство на претседателот Ердоган на Балканот да го пренесеме турското искуство и турските претприемачи“, рече тој, нагласувајќи дека се среќни што го реализираат овој проект во Скопје.
Турскиот амбасадор Секизќок рече дека иницирањето на голем градежен проект во срцето на градот Скопје бара визија и искуство.
Тој истакна дека овој проект е изграден со разбирање соодветно со духот на денешницата.
„Овој важен проект реализиран во Скопје се состои од различни компоненти. Наскоро ќе завршат сите делови на овој проект. 'Дајмонд мол', кој го отвораме денес, со својата елеганција како скапоцен камен и својот препознатлив стил, носи збогатувачка димензија во градската култура во Скопје. Без сомнение дека ќе биде извор на инспирација за урбанистите на нашето време“, додаде тој.
Генералниот директор на „Халкбанк“, Осман Арслан, изрази задоволство што дале придонес во реализирањето на овој проект.
„Ние сме трета најголема банка во Туркије. Но, со задоволство сакам да истакнам дека сме на позиција на четврта најголема банка во Северна Македонија“, истакна тој.
„Ние имаме верба во иднината на Северна Македонија, и како Халкбанк ќе продолжиме со поддржување на економијата на Северна Македонија“, додаде Арслан.
По обраќањата, поканетите гости, меѓу кои и премиерот Ковачевски, прошетаа низ трговскиот центар.