Кои се причините за згаснување на многу стартапи     Фото: AA

Голем број стартапи во изминатиот период исчезнуваат, практично од враќањето на рестриктивните мерки во нормала до денес кога имаме тешка економска состојба и бројни глобални предизвици како војната во Украина.

Квалитетни стартапи кои успеале претходно да соберат над 100 милиони долари во капитал, сега пропаѓаат како најнестабилни фирми. Дел од нив се соочуваат со последиците од актуелната економска криза поврзана со инфлацијата, растот на цените на горивата и енергенсите, а други едноставно не успеаја да најдат место на пазарот и клиенти откако се укинаа карантините и дел од навиките на вработените се вратија во редовен колосек.

Крај на ерата на ризично инвестирање

Во 2021 година бројот на „еднорози“ односно стартапи со проценета пазарна вредност од над 1 милијарда долари скокнал на дури 600, а во нив преку приватните инвеститори биле вложени 140 милијарди американски долари, или за околу 90 милијарди повеќе отколку „пандемиската“ 2020 година.

Но, ако во 2021 година еден стартап со просечни 10 милиони долари промет бил проценет со пазарна вредност од над 1 милијарда или со „фактор 100“ сега процената на пазарната вредност на стартапите е далеку пониска, а дел од нив „изгубија“ речиси 90% од вредноста. Таков е примерот на шведскиот стартап за фин-тек „Кларна“ кој од проценета вредност од 46 милијарди долари, сега е проценет на само 6,5 милијарди долари.

Ова е голем проблем за фондовите за ризичен капитал кои во 2021 година инвестираа рекордна сума и двојно повеќе отколку во 2020 година кога „удри“ пандемијата со Ковид-19. Сега, со растот на каматните стапки во САД и Европа, приватните инвеститори полека излегуваат од компаниите кои на долг рок им е потребно „ризично капитално инвестирање“ за да ги одржат операциите се додека не пораснат доволно за да го реализираат иновативниот бизнис модел.

Се потешко до „свеж“ капитал

Акциите на големите технолошки компании, речиси во сите сектори, од некогаш најстабилните „клауд“ компании, па се до претприемачки водените бизниси за достава на храна и исполнување на потребите на корисниците се во слободен пад на берзите.

Лошите финансиски изгледи прават и многу потешко да се дојде до свеж капитал, па така голем број на стартапи пропаѓаат бидејќи нивниот пат до освојување на пазарно учество веќе нема кој да го финансира, или пак тоа се прави под многу пониски вредности.

Замрзнати се и процесите на „иницијална понуда на пазарот“ (ИПО) па така стартапите многу потешко стигнуваат до финансии пред да излезат на јавните берзи, како и во фазата пред лансирање на пазарот на капитал.

Во држави каде пазарот на капитал не е толку развиен, речиси целата стартап индустрија е пред колапс. Таков е примерот на Пакистан по распадот на некогаш вредниот стартап „Ерлифт“ кој само пред помалку од една година успеа да собере 85 милиони долари инвестиции.

Компаниите кои нема да успеат да прикажат профитабилност, за сметка на растот на пазарното учество, ќе поминат најлошо во услови на рецесија и економско стагнирање.

Неизвесна иднина за вработените

Цената која централните банки и владите ќе треба да ја платат за „скротување“ на инфлацијата каква не е забележана во последните педесетина години ќе биде платена и со намалување на бројот на вработени.

Ова е проблем исто така и за пазарот на трудот. Во почетоците на пандемијата многу работници од традиционалните индустрии се пренасочија кон стартапите, кои поради потребата од брза дигитална трансформација на општеството, како „сунѓери“ примаа нови вработени.

Дел од нив, кои останаа без работа, се преквалификуваа, особено од сектори како угостителството, транспортот и туризмот кои беа најнестабилни поради различните фази на карантини и ограничувања.

Сега технолошкиот сектор се соочува или со замрзнување на новите вработувања, или со големи отпуштања на работната сила.

TRT Balkan / агенции
Популарни