Министерот за економија и труд на Република Северна Македонија Бесар Дурмиши денеска оствари средба со министерот за трговија на Република Туркије Омер Болат кој е во еднодневна посета на земјава.
Според објавеното соопштение на официјлната веб страна на Владата, на средбата која што се одржа во Министерството за економија и труд двајцата министри разговараа за трговските и економските односи помеѓу Туркије и Северна Македонија, како и за развивањето и продлабочувањето на овие односи.
Како што потенцираше министерот Дурмиши на состанокот, Република Туркије е меѓу „нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори како стратешки инвестициски партнер.“
„Податоците за трговска размена покажуваат дека Република Туркије минатата година е рангирана на 7-то место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Се надевам дека во наредниот период оваа соработка дополнително ќе се продлабочи“ кажа Дурмиши на средбата и додаде дека во првите десет месеци од 2024 година вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Туркије изнесува 747,5 милиони евра што е зголемување за 10,4% споредено со првите 10 месеци од 2023 година
Министерот Дурмиши подвлече дека вкупните турски инвестиции во Северна Македонија изнесуваат околу две милијарди евра. Турските инвеститори сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции во земјава. Туркије е наш петти партнер според инвестициите и седми во однос на трговијата, рече Дурмиши.
Како што се соопштува, на состанокот беше истакнато дека економската соработка меѓу двете земји е добра, но капацитетот не е доволно искористен.
„Мора да се работи на поврзување меѓу малите и средните фирми во речиси сите сектори Страните на овој состанок се осврнаа и на можностите за соработка меѓу двете земји, а беше упатен и апел за зголемување на инвестициите. Двајцата министри разговараа и за поголемо учество на турските фирми во македонски инфраструктурни и енергетски проекти во насока на зголемување на инвестициите во Северна Македонија“, се вели во соопштението.