Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата   / Photo: Сојуз на синдикатите на Македонија Фејсбук

Најголемата македонска синдикална организација 1 мај меѓународниот ден на трудот ќе го одбележи со протести на работниците и испорака на клучните барања до политичките субјекти кои ќе ја формираат новата влада.

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, ќе побара ССМ на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.

Високата инфлација и забавените движења во економијата, како и рапидниот раст на трошоците за живот значително го погодија животниот стандард, проследен со несоодветен раст на платите на вработените, критикуваат од ССМ.

Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

„Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот, туку единствено и исклучиво работат за своите интереси“, се наведува во Првомајскиот проглас на ССМ.

MIA
Популарни