Од Самсунг во средата изјавија дека штрајкот нема да влијае на производството / Photo: Reuters

Најголемиот синдикат на јужнокорејската технолошка компанија Самсунг Електрониксденеска објави дека започнува генерален штрајк на неопределено време.

Националниот синдикат на Самсунг Електроникс (НСЕУ) во понеделникот организираше тридневен штрајк, најголемиот работнички протест во 55-те години на компанијата, со идеја да го проследи со петдневен штрајк кој започнува на 15 јули, но ги промени плановите и одлучи да го зголеми притисокот врз раководството, јавува Јонхап.

НСЕУ, кој претставува приближно 30.000 вработени или една четвртина од најголемиот конгломерат во вкупната работна сила во Јужна Кореја, се залага за подобрување на структурата на бонуси заснована на перформанси и дополнителен ден годишен одмор

Синдикатот извести дека за време на тридневниот штрајк претставниците на Самсунг Електроникс не се обиделе да стапат во дијалог со работниците.

Како што е наведено, НСЕУ и раководството на компанијата одржале неколку состаноци почнувајќи од јануари, но не успеале да ги надминат разликите во однос на стапката на зголемување на платите, системот за годишен одмор и бонусите.

Од Самсунг во средата изјавија дека штрајкот нема да влијае на производството.

„Самсунг Електроникс ќе се погрижи да нема пореметувања во производните линии“, изјави портпаролот, додавајќи дека компанијата „останува посветена на ангажман во преговори со добра волја со синдикатот“.

Но синдикатот рече дека потврдил „јасно нарушување во производството“ и додаде дека колку подолго трае штрајкот „толку повеќе ќе страда раководството“.

„На крајот, тие ќе клекнат и ќе дојдат на преговарачката маса. Ние сме убедени во победата“, се додава во соопштението, апелирајќи повеќе работници да учествуваат.

Минатата недела Самсунг Електроникс процени дека неговата оперативна добивка во вториот квартал од 2024 година изнесува 7,54 милијарди долари или 10,4 трилиони вони, што е 15 пати повеќе отколку во истиот квартал минатата година.

Најголемиот светски производител на мемориски чипови, паметни телефони и телевизори изјави дека растот на профитот е поттикнат првенствено од производите што се потпираат на вештачката интелигенција (ВИ), како што се чиповите.

TRT Balkan / агенции
Популарни