Милијардерот Ли Јае Јонг беше осуден за поткуп и проневера во јануари минатата година.      Фото: Ројтерс

Наследникот и де факто лидер на групацијата „Самсунг“ доби претседателско помилување, што е најнов пример за долгата традиција на Јужна Кореја за ослободување на деловни лидери осудени за корупција на економска основа.

Милијардерот Ли Јае Јонг, кој беше осуден за поткуп и проневера во јануари минатата година, ќе биде „вратен на функција“ за да му се даде шанса да „придонесе за надминување на економската криза“ во земјата, изјави во петокот министерот за правда Хан Донг-Хун.

Ли - 278-та најбогата личност во светот, според Форбс, со нето богатство од 7,9 милијарди долари - беше пуштен на условна слобода во август 2021 година, откако отслужи 18 месеци во затвор, нешто повеќе од половина од неговата првична казна.

Помилувањето од петок ќе му овозможи целосно да се врати на работа со укинување на ограничувањето за вработување по затвор, кое беше поставено на пет години.

„Поради светската економска криза, динамиката и виталноста на националната економија се влошени, а се стравува дека економскиот пад ќе биде продолжен“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Помилувањето беше дадено за Ли - како и другите високи директори кои добија помилување во петокот - да можат „да го предводат моторот за континуиран раст на земјата преку активно инвестирање во технологијата и создавање работни места“, додаде Министерството.

„Се надевам дека ова специјално помилување ќе послужи како можност за сите Јужнокорејци да работат заедно за да ја надминат економската криза“, рече претседателот Јун Сук-Јол.

Ли (54) беше помилуван заедно со уште тројца бизнисмени, вклучувајќи го и претседателот на групата Лоте, Шин Донг-бин, кој беше осуден на условна затворска казна од две и пол години во случајот за поткуп во 2018 година.

Обвинувања за сметководствена измама

Гигантската групација Самсунг е убедливо најголемата од империите контролирани од семејството познати како чаеболи кои доминираат со бизнисот во Јужна Кореја, 12-та по големина економија во светот.

Ли е потпретседател на „Самсун Електроникс“, најголемиот светски производител на паметни телефони. Вкупниот промет на конгломератот е еквивалентен на околу една петтина од бруто домашниот производ на Јужна Кореја.

Ли сè уште се соочува со одвоено судење поради обвиненијата за сметководствена измама во врска со спојувањето на две фирми „Самсунг“ во 2015 година.

Во мај, тој беше ослободен од сослушувањето во тоа судење со цел да биде домаќин на американскиот претседател Џо Бајден, кога тој ја започна турнејата низ Јужна Кореја со посета на фабриката за чипови на „Самсунг“, заедно со претседателот Јун.

Неговото помилување следи откако „Самсунг“ го претстави планот за инвестиција од 356 милијарди долари за следните пет години, чија цел е да стане фаворит во широк опсег на сектори - од полупроводници до биолошки истражувања - и да отвори 80.000 нови работни места.

Фирмата, исто така, вработува околу 20.000 луѓе во САД, а се работи на изградба на нова фабрика за полупроводници во Тексас, која треба да биде отворена во 2024 година.

AA
Популарни