Оперативниот профит на Самсунг Електроникс во вториот квартал од 2024 година скокна за дури 1.458 отсто на годишно ниво на приближно седум милијарди евра / Photo: Reuters

Јужнокорејскиот Самсунг Електроникс, најголемиот светски производител на паметни телефони, телевизори и мемориски чипови, ќе отпушти до 30 отсто од својата работна сила во странство во некои сектори, јавува Ројтерс повикувајќи се на три анонимни информирани извори.

Според изворите, Самсунг им наредил на своите подружници ширум светот да го намалат бројот на вработени во продажбата и маркетингот за околу 15 отсто, а бројот на вработени во администрацијата за 30 отсто.

Планот ќе се реализира до крајот на оваа година и ќе влијае на работните места низ Америка, Европа, Азија и Африка, изјави еден од споменатите извори.

Оперативниот профит на Самсунг Електроникс во вториот квартал од 2024 година скокна за дури 1.458 отсто на годишно ниво на приближно седум милијарди евра, поттикнат од големата побарувачка за неговите напредни мемориски чипови клучни за компјутерите со вештачка интелигенција, објави Си-Ен-Ен.

Самсунг Електроникс изјави дека продажбата на нивните паметни телефони се намалила во вториот квартал од 2024 година, особено во сегментот на премиум производи, но додаде дека корисниците се уште се многу заинтересирани за серијата уреди Галакси С24.

TRT Balkan / агенции
Популарни