Твитер привремено ги затвори своите канцеларии во петокот откако им кажа на вработените дека подоцна во текот на денот ќе бидат информирани преку е-пошта дали ќе бидат отпуштени.
Овој потег следи по една недела на неизвесност за иднината на компанијата под новиот сопственик Илон Маск.
Компанијата за социјални медиуми преку е-пошта до персоналот објасни дека во 16 часот во петок вработените ќе бидат информирани за намалувањата на персоналот.
„Во обид да го поставиме Твитер на здрав пат, во петок ќе поминеме низ тешкиот процес на намалување на нашата глобална работна сила“, се вели во е-поштата испратена во четвртокот.
Маск, најбогатиот човек на светот, сака да намали околу 3.700 вработени на Твитер, или околу половина од работната сила, бидејќи се обидува да ги намали трошоците и да наметне нова тешка работна етика, според внатрешните планови на компанијата.
Вработените во Твитер ги искажаа своите фрустрации за отпуштањата на социјалната мрежа, користејќи го хаштагот #OneTeam.
Рејчел Бон твитна: „Минатиот четврток во канцеларијата на СФ (Сан Франциско), навистина последниот ден Твитер беше Твитер. Осум месеци бремена и имам деветмесечно дете. Само што ми беше прекинат пристапот до лаптопот.“
Одговарајќи на темата #OneTeam, шефот за безбедност и интегритет на Твитер, Јоел Рот, рече: „Моите DM-а (рути за директни пораки) се секогаш отворени за вас. Кажете ми како можам да помогнам“.
Рот беше највисокиот извршен директор кој јавно објави со твит за поддршка за персоналот кој ја губи работата. Тој, исто така, изгледаше дека сè уште ја задржал својата работа.
Минатата недела, Маск го поддржа Рот, наведувајќи го неговиот „висок интегритет“ откако беше повикан поради критички твитови кон поранешниот американски претседател Доналд Трамп години претходно.
Рот не одговори на барањето за коментар.
Твитер во е-поштата рече дека неговите канцеларии ќе бидат привремено затворени и ќе биде суспендиран целиот пристап со значки за веривикувани профили со цел „да помогне да се осигура безбедноста на секој вработен, како и системите на Твитер и податоците за клиентите“.
Канцеларијата на компанијата во Пикадили, Лондон, во петокот изгледаше напуштена, без вработени на повидок.
Внатре, сите докази дека гигантот од социјалните мрежи некогаш ја „окупирал“зградата се избришани. Вработените за безбедност изјавија дека има тековно реновирање, одбивајќи да коментираат повеќе.
Компанијата соопшти дека вработените кои не биле засегнати од отпуштањата ќе бидат известени преку нивните работни е-адреси. Персоналот кој бил отпуштен ќе биде известен за следните чекори на нивните лични адреси на е-пошта, се вели во меморандумот.
Некои вработени на Твитер објавија дека нивниот пристап до ИТ системот на компанијата е блокиран и се плашеа дали тоа сугерира дека биле отпуштени.
„Изгледа дека сум невработен. Само што се одјавив од далечина од мојот работен лаптоп и бев отстранет од Слак“, твитна корисник со сметка @SBkcrn, чиј профил е опишан како поранешен висок менаџер на заедницата на Твитер.
Групната тужба беше поднесена во четвртокот против Твитер од страна на неговите вработени, кои тврдеа дека компанијата спроведува масовни отпуштања без да го обезбеди потребното известување од 60 дена, што е кршење на федералните и калифорниските закони.
Тужителите, исто така, побараа од федералниот суд во Сан Франциско да издаде наредба да го ограничи Твитер да бара од вработените да потпишуваат документи без да ги информираат за тековноста на случајот.
Маск им наредил на тимовите на Твитер да пронајдат начин за до 1 милијарда долари годишна заштеда на инфраструктурни трошоци.
Тој веќе ги расчисти високите рангови на компанијата, отпуштајќи го нејзиниот главен извршен директор и највисоките финансиски и правни директори. Други, вклучувајќи ги и оние кои седат на врвот на одделот за рекламирање, маркетинг и човечки ресурси на компанијата, заминаа во текот на изминатата недела.
Првата недела на Маск како сопственик на Твитер беше обележана со хаос и неизвесност. Беа закажани два состаноци ширум компанијата, но неколку часа подоцна беа откажани. Вработените изјавија дека им е оставено да добиваат информации преку медиумски извештаи, приватни групи за пораки и анонимни форуми.
Отпуштањата, кои долго се очекуваа, ја заладија познатата отворена корпоративна култура на Твитер, која беше пофалена од многу негови вработени.
„Ако сте во канцеларија или на пат кон канцеларија, ве молиме вратете се дома“, напиша Твитер во е-поштата во четвртокот.
Набргу откако е-поштата пристигна во сандачињата на вработените, стотици луѓе ги преплавија Слак каналите на компанијата за да се збогуваат, изјавија двајца вработени.