Високите цени на литиумот би можеле да ја одложат или забават брзината на растот на продажбата во секторот на електрични возила (ЕВ).
Глобалното производство на литиум е географски ограничено на три главни производители во Австралија, Чиле и Кина, секој со удел од 52%, 22% и 13%, соодветно.
„Рудaта треба да се обработи и рафинира во литиумска хемикалија или литиум хидроксид за да се користи во батерии и апарати. Околу 60% од капацитетот за рафинирање се во Кина. Некои региони во Кина неодамна доживеаја прекини на електрична енергија што влијаеше на капацитетите за рафинирање на литиум “, рече Тае-Јун Ким, аналитичар во Меѓународната агенција за енергија (МАЕ).
Литиумот, никелот, кобалтот, манганот и графитот се клучни за перформансите на батеријата, долговечноста и енергетскиот интензитет.
Раст на цените
Според МАЕ, технологиите за чиста енергија сочинуваат 30% од глобалната побарувачка за литиум. Побарувачката за литиум за технологии за чиста енергија расте со побрзо темпо во однос на другите главни минерали, а се предвидува брзото навлегување на употребата на ЕВ да го зголеми уделот на околу 75% до 2040 година.
Забрзувањето на чистата транзиција бара поголема понуда на критични минерали, а нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката се одразува на цените.
Цената на литиумот на 31 август минатата година изнесуваше 13.154 долари за тон, но на 31 август годинава достигна 59.928 долари за тон, што бележи годишен пораст од 355%.
На 31 јануари оваа година, литиумот чинеше 36.962 долари за тон, но цената сега се зголеми за 62%, поддржана од робусната продажба на електрични возила.
„Цената на литиумот е помалку погодена од руската војна во Украина во споредба со другите минерали, но зголемувањето на цената остана доста висока поради многу силниот раст на побарувачката од секторот ЕВ и некои логистички нарушувања во Кина“, рече Ким.
Глобалната продажба на електрични возила, достигна 6,75 милиони единици во 2021 година, што е за 108% повеќе во споредба со продажбата во 2020 година.
Побарувачката за литиум во секторот ЕВ е речиси двојно зголемена за една година, од 140 килотони во 2020 година на 270 килотони во 2021 година. И според Ким, се очекува ова да расте дополнително оваа година.
„Пазарот на литиум е релативно помал од другите минерали, така што секоја брза промена на побарувачката може да има поголеми влијанија врз цените“, рече тој.
Тој, исто така, истакна дека планираните проекти во Аргентина, Австралија, САД, Канада и Нов Зеланд најверојатно ќе ја зголемат понудата на литиум на глобално ниво, намалувајќи ги повисоките цени на пазарот.