Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се подготвува да објави одлука за царина на кинески стоки веќе следната недела, која, според очекувањата, ќе биде насочена кон клучните стратешки сектори како што е производството на електрични возила, пренесува Блумберг, повикувајќи се на неименувани информирани извори.
Според овие извори, Бајден нема да предложи сеопфатни зголемувања на царините на кинеските стоки што ги бара републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Објавата за новите мерки е закажано за вторник, 14 мај, соопштија два неименувани извори на Блумберг.
Лидерите на САД и ЕУ го критикуваа Пекинг за наводната државна поддршка за кинеското производство, што, според нив, поттикна поплава од евтин извоз и со тоа ги загрози работните места на западните пазари.
Во октомври, Европската унија започна истрага за кинеските субвенции за електрични возила, што може да резултира со дополнителни царини до јули.