Продажбата на нови автомобили во регионот на Западен Балкан расте и покрај економската криза и рецесијата, а истовремено се намалува бројот на половни возила кои земјите ги увезуваат.
За нов автомобил купувачите се одлучуваат поради безбедноста во поглед на техничката исправност на новиот автомобил, фабричката гаранција, посигурен избор во купувањето, полесна можност за продавање во иднина, но и поголема безбедност.
Рекорд на увезени нови возила во Северна Македонија
Од почетокот на оваа година до крајот на месец август, во Северна Македонија увезени се 4.983 нови автомобили. Ова е рекорд на увезени нови автомобили во земјата во последната деценија, за период од првите осум месеци во годината.
За споредба, во истиот период од осум месеци во 2021 година биле увезени 3.945 нови автомобили. Тоа значи дека годинава има зголемен увоз на нови возила од околу 26 отсто во споредба со лани, иако економската криза годинава се засили.
Наспроти растот на новоувезени автомобили во првите осум месеци во Северна Македонија, податоците од Царинската управа покажуваат дека паѓа увозот на употребувани автомобили. Годинава се увезени 13.630 половни возила, што е најмалку досега, доколку се направи споредба со бројот на увезени возила во последните 10 години.
Практично, овие податоци покажуваат дека ниту пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), која освен проблеми во здравствениот систем, донесе и економска криза и ги наруши редовните економски текови, ниту енергетската криза и инфлацијата, предизвикани од војната во Украина, не ги поколебаа граѓаните да се подноват со ново возило.
Мало зголемување и во Србија и БиХ
Но, ова не е тренд само во Северна Македонија туку трендот на зголемување на увоз на нови автомобили во текот на 2022 година е евидентен и во некои земји од регионот.
Во првите три месеци од 2022 година во Србија се продадени 5.019 нови автомобили, што е приближно со прометот остварен во истиот период во 2021 година, кога оваа бројка изнесувала 4.997.
Кога ваквите резултати ќе се споредат со првиот квартал од 2020 година, евидентен е раст на продажбата во тековната година од 11 отсто.
Од Управата за индиректно оданочување на БиХ покажуваат дека во првата половина од оваа година во БиХ се увезени 4.381 нови возило, додека во истиот период минатата година таа бројка изнесувала 4.098.
Поскап, но посигурен избор
Во состојба на висока инфлација и енергетска криза, се поставува прашањето во што се крие причината на зголемувањето на продажбата на новите автомобили?
Најчесто наведена причина поради која купувачите се одлучуваат за нов автомобил е што при купување ново возило нема потреба за дополнителни значителни вложувања, покажуваат истражувањето на сајтот „Половни аутомобил“ во Србија, кој повеќе од 18 години работи во сферата на автомобилската трговија. Ова може да укажува на фактот дека доаѓа до промена во потрошувачките навики кај луѓето, кои купуваат нови но помалку луксузни автомобили, за разлика од порано, кога се купувале половни, но полуксузни возила.
Понатаму, според истражувањето, за нов автомобил купувачите се одлучуваат поради безбедноста во поглед на техничката исправност на новиот автомобил, фабричката гаранција, посигурен избор во купувањето, полесна можност за продавање во иднина, но и поголема безбедност. Но, најчесто наведена причина поради која купувачите се одлучуваат за нов автомобил е што при купување на ново возило нема потреба за дополнителни значителни вложувања.
Ефектот на војната врз авто-индустријата
Пандемијата од Ковид-19, енергетската криза, но и војната во Украина, ги дестабилизираа тековите на трговијата и производството на глобално ниво, во речиси сите сфери, а на тоа не остана имуна ниту автомобилската индустрија.
Експертите велат дека војната во Украина во голем дел ја погодила и автомобилската индустрија. Големите компании го намалиле производството поради недостиг на производството, поради што за нови автомобили се чека и до година дена, додека намалената понуда на новите модели, влијаела на зголемување на цената на половните возила.
Според анализите на водечките светски автомобилски компании, недостигот на микрочипови кои се користат во производство на автомобилилите, може да продолжи и во 2023 година.