Земјоделието е главната карактеристика на регионалниот и културен идентитет на ЕУ, при што органските култури сочинуваат 9,1 проценти од производството во Унијата.
Според последниот извештај на Евростат „Клучни бројки за Европа- издание за 2023 година“, Шпанија е европски лидер во производство на свинско месо, а во оваа држава било собрано најмногу овошје и зеленчук. Во Австрија, пак, има најмногу насади на храна од органско потекло.
Статистиката покажува дека од жетвата во 2021 година биле собрани 297,5 милиони тони житни култури и ориз, при што Франција има најголем удел со 22,7 проценти. Приближно околу 160 милиони тони сирово млеко било достапни на фармите во ЕУ, од кои најмногу во Германија -20,4 проценти.
Полска е лидер во производството на месо од живина
Вкупно биле собрани 65,8 милиони тони зеленчук, а Шпанија има најголем удел со 24,2 отсто. Шпанија е рекордер и со 28,3 проценти од собраните 62,2 милиони тони овошје, бобинки и јаткасти плодови, при што се мисли на сите видови овошје, вклучувајќи гo и она што се користи за производство на сокови, оцет и други пијалаци.
Во извештајот се достапни понови информации во врска со производство на месото.
Според Евростат, во 2022 година ЕУ произвела 22,1 милиони тони свинско месо, околу 12,1 милиони тони живинско месо и 6,6 милиони тони говедско месо. Безмалку половина од свинското месо е произведено во две држави-Шпанија 23 отсто и Германија 20,3 проценти, Полска е лидер со 22,5 проценти од производството на месо од живина, додека Франција произвела една петтина -20,5 проценти од говедско месо произведено во ЕУ.
Во Португалија двојно зголемени површините со органски култури
Во 2020 година вкупната површина достапна за производство на органски култури низ ЕУ беше 14,7 милиони хектари, површини во кои не се вклучени домашните бавчи и градини. Уделот на органските култури во вкупното земјоделско производство е 9,1 отсто, при што во 2021 година најмал удел во органското производство со 2 или помалку проценти имале Малта, Бугарија и Ирска. Лидери, пак, со 20,2 отсто се Шведска, и Естонија со 23 проценти, како и Австрија со 25,7 отсто според податоците за 2020 година.
Во Литванија, Хрватска, Франција во периодот од 2019 до 2020 година, како и во Луксембург, Финска и Ирска помеѓу 2020 и 2021 година имало двоцифрено зголемување на површини засадени со органски култури.
Најбрза експанзија на органски насади биле забележани во Романија и Кипар, додека далеку најголем пораст има во Португалија каде што површините со засадени органски култури се зголемиле повеќе од двојно.
Иако рибарската флота на ЕУ крстари ширум светот, огромно мнозинство или 70 проценти од уловените 3,550 тони риба во 2021 година се фатени во североисточниот Атлантик, најмногу харинги и скуши.
Следната најголема риболовна област според уловот се Медитеранот и Црното Море како целина, каде биле уловени 9,8 отсто од рибите, па источно- централниот Атлантик со 7,3 отсто и западниот дел на Индискиот Океан со 7 проценти.