Редовното земање аспирин го намалува ризикот од развој на рак на панкреасот за 40 отсто кај пациентите со дијабетес и за 20 отсто кај општата популација, покажа новото истражување на научниците од Универзитетот во Саутемптон и Универзитетската болница Саутемптон.
Студијата беше организирана од хуманитарната организација за рак ПЛАНЕТС (PLANETS). Нејзините членови велат дека истражувањето направило „значаен напредок“ за лекување на она што се смета за „еден од најтешките“ видови на рак поради неговата ниска стапка на преживување.
Истражувачите од Универзитетската болница Саутемптон ги разгледале податоците што им биле достапни на речиси 10.000 луѓе од британската групација Биобанк, која се состои од 500.000 луѓе на возраст меѓу 37 и 73 години, вклучени во студијата помеѓу 2006 и 2010 година.
Тие откриле дека ризикот од развој на рак на панкреасот е намален за 40 отсто кај пациентите кои редовно земале аспирин и страдале од дијабетес (дијабетес мелитус), како и за 20 отсто кај општата популација.
Тимот истакна дека податоците се во согласност со претходните истражувања за превентивното дејство на аспиринот во развојот на други видови на рак.
Студијата покажа дека помал ризик останува и по две години, односно и по пет години од вклучувањето на испитаниците во студијата.
Портпаролот на ПЛАНЕТС изјави дека претходните истражувања покажале дека аспиринот успева да го блокира производството на ензими кои влијаат на зајакнувањето на воспалението во телото и го поттикнуваат растот на клетките на ракот.
„Луѓето постари од 50 години кои развиваат дијабетес имаат десет пати поголема веројатност да добијат рак на панкреасот отколку кај општата популација. Иако причините за поврзаноста не се јасно дефинирани, во двата случаи се работи за заболување на панкреасот и постои нетолеранција на шеќер. Најчестата форма, аденокарцином на дуктален панкреас (ПДАЦ), има најниска стапка на преживување од сите видови на рак. За жал, обично се открива во напредна фаза со петгодишна стапка на преживување од само 5 проценти, се вели во соопштението на ПЛАНЕТС.
Студијата на научниците од Универзитетот во Саутемптон, објавена во списанието Pancreatology, се верува дека е најсеопфатната студија која ја испитува поврзаноста помеѓу секојдневната употреба на аспирин и ПДАЦ и прва што покажа дека редовната употреба на аспирин е поврзана со помал ризик од разво на рак на панкреасот.
„Ракот на панкреасот се смета за еден од најсериозните форми на рак и речиси сите пациенти со оваа форма на рак умираат во рок од пет години по дијагнозата, а подолгорочното преживување е ограничено на оние пациенти на кои им бил дијагностициран во рана фаза, кога ракот е погоден за операција“, рече д-р Заед Хамади, консултант за хепатобилијарна, панкреатична и роботска хирургија во Универзитетска болница Саутемптон.
„Во исто време, откривме дека трендот на рак на панкреас се зголемува и во Обединетото Кралство и во светот, на сличен начин како и другите форми на рак, а знаеме дека постои посебна поврзаност помеѓу развојот на дијабетес и рак на панкреасот. Оваа голема студија покажува дека секојдневната употреба на аспирин, традиционално поврзана со намален ризик од развој на срцев удар или срцеви компликации, исто така може да го спречи развојот на рак на панкреасот“, објави портпаролот на ПЛАНЕТС.
Откриено е и дека, во случај на земање аспирин, ризикот од развој на рак на панкреасот е за 20 отсто помал кај општата популација. Порано ова се поврзуваше со други видови на рак, особено со рак на дебелото црево, но сега истото можеме да се каже и за ракот на панкреасот.
„Но, она што најмногу не изненадува е фактот што превентивното дејство е посилно кај пациентите кои боледуваат од дијабетес, со дури 40 отсто помал ризик кај оваа група. Имајќи ја предвид поврзаноста помеѓу дијабетесот и ризикот од развој на рак на панкреасот и лошиот исход за сите пациенти, сметаме дека ова е многу важно откритие, објави ПЛАНЕТС.