Изложувањето на Сонце и сончањето, дехидрацијата, убодите од инсекти и труењето со храна се некои од најчестите опасности по здравјето на човекот во текот на летниот период, а на кои треба да внимава со цел да се минимизираат несаканите дејствија.
Иако ова е најтоплиот период од годината, релаксирачки за многумина, бидејќи луѓето се поопуштени, полежерни и неоптеретени со многу облека, сепак треба да се внимава бидејќи тешките временски услови и едноличната храна може да доведат до многу здравствени проблеми, предупредуваат од научните и медицинските кругови ширум светот.
Изложување на Сонце и сончање
Како вистински извор на животот, Сонцето има многу благодети за човечкото тело и душа, бидејќи ги поттикнува циркулацијата и метаболизамот, обезбедува создавање на витаминот Д и негова максимална искористеност, а со тоа делува и прилично антидепресивно.
Но, во овој аспект добро е да се биде внимателен бидејќу претераното излагање на УВ зраците доведува до побрзо стареење на кожата, до бројни алергии, дури и до појава на рак на кожата, а може да биде и една од причините за оштетување на рожницата и мрежницата на окото.
Затоа е неопходно дополнително да се внимава за правилна заштита од Сонцето. Употребувајте креми со висок заштитен фактор (30/50), како и внимавајте колку и во кое време во текот на денот сте изложени на сонце.
Притоа потребна е дополнителна претпазливост кај лицата кои имаат бенки или кожни израстоци, за да не ги надразнуваат или да создадат воспаление, бидејќи во спротивно, итно треба да се посети дерматолог.
Дехидрација
Во текот на летните горештини се заканува опасност од дехидрација, на која посебно се склони повозрасни лица, децата, трудниците, спортистите и рекреативците.
Со оглед на тоа дека во летниот период значително повеќе се потат луѓето, преку кожата се губат повеќе течности отколку вообичаено па нужно е таа течност да се надомести.
Поради тоа, се советува дневно да се пијат најмалку два литри течности, а по потреба и повеќе. Од вкупниот дневен внес, две третини би требало да бидат обична вода, а сето останато, на пример, соковите, чаеви, супи и течната храна, можат да бидат надополнување, но не и замена за водата.
Чајот, кафето и одредени пијалаци содржат кофеин и имаат диуретичко делување и поттикнуваат дехидрација. Добро е да се консумира и лесна супа од зеленчук, сочно овошје и зеленчук, како и разновидни салати.
Убоди од инсекти
Во летниот период повеќе време луѓето поминуваат на отворено па поради тоа се неминовни убоди од најразлични видови инсекти. Затоа е добро да се има при рака репелент односно средство за заштита од убоди од инсекти.
Ароматерапевтите советуваат на изложените делови на телото, да се намачка етерично масло од лаванда. Тоа масло има антисептичко, дезинфекциско и лековито својство и може да се нанесува на кожа, но во минимални количини.
Ако симптомите по убод на комарец или некој друг инсект се појасно изразени, може да се користи антихистаминик во облик на маст, крема или гел, кој ќе делува корисно.
Посебно се опасни ситуациите по убод од пчела или оса и тоа во деловите на усната празнина, вратот и грлото, поради брзиот развој на едеми и можно гушење.
Не треба да се заборави ниту опасноста од крлежите, кои со својот убод можат да пренесат вирусен крлежен менингоенцефалитис, поради тоа е важно по секое одење во природа детално да се прегледа целото тело и да се отстранат крлежите доколку ги има.
Труење со храна
Високите температури се погодни за развој на микроорганизми во прехранбените производи, посебно доколку не се соодветно спакувани и складирани. На расипување особено се подложни намирниците од протеинско потекло како што се месото, јајцата, млечните производи, рибата, школките и слично, бидејќи се одлична хранлива основа за раст на микроорганизмите.
Во текот на летото најчесто труење е со бактеријата салмонела, а најпосни во тој контекст се јадењата кои не се термички обработени, како слатки или крем-колачи, но и сладоледи.
Особено е важно да се погледне датумот на производство кај купување на млечните производи, бидејќи во летниот период поради високите температури рокот може да им се скрати во однос на оној означен на декларацијата.