Новото генетско истражување на британските научници покажа дека депресијата може да биде директна причина за развој на дијабетес тип 2.
Во светот 422 милиони луѓе боледуваат од дијабетес, а меѓу нив 95 отсто имаат дијабетес тип 2.
Научниците веќе знаеја дека пациентите со дијабетес тип 2 имаат двојно поголема веројатност да развијат депресија во споредба со оние кои не страдаат од оваа болест, но не беше во потполност разјаснето дали депресијата го предизвикува дијабетесот или обратно.
Затоа, во ова истражување тие користеа статистичка метода, Менделова рандомизација, за да ги анализираат генетските и здравствените податоци.
Првпат открија дека депресијата директно го зголемува ризикот од развој на дијабетесот од типот 2, но не и обратно.
Научниците го открија и тоа дека постојат седум генетски варијанти кои придонесуваат кон развојот и дијабетесот од типот 2 и депресијата.
Станува збор за заеднички гени кои играат важна улога во производството на инсулин или воспаление на мозокот, панкреасот или масното ткиво, а промените во овие биолошки процеси потенцијално објаснуваат како депресијата влијае на дијабетесот.
Иако не е пронајдена директна причина што укажува на тоа дека дијабетесот предизвикува депресија, експертите сепак веруваат дека оптоварувањето на животот со дијабетес тип 2 може да биде одлучувачки фактор за развој на депресија.
„Оваа исклучително важна студија ни дава нови сознанија за врските помеѓу генетиката, дијабетесот тип 2 и депресијата“, рече Елизабет Робертсон, директорка на здружението Дијабет ОК, што е откриено откако научниците ги испитаа генетските податоци на стотици илјади жители на Велика Британија и Финска.
Се покажа дека меѓу 19.344 учесници во студијата кои страдаат од дијабетес тип 2, 5.000 од нив имале потврдена дијагноза на депресија, а 153.000 од нив пријавиле повеќе симптоми на болеста.
„Овие сознанија би можела да им помогнат на здравствените работници да ја подобрат заштитата и поддршката за депресивните лица и да се спречи развој на повеќе случаи дијабетес од типот 2“, рече Елизабет Робертсон. Студијата е објавена во списанието „Diabetes Care“ и откри дека прекумерната тежина и дебелината играат улога во развојот на дијабетес, а кај 36,5 отсто од анкетираните постои директна врска.
Со оглед на тоа што авторите ги поврзуваат депресијата, дијабетесот тип 2 и дебелината во студијата, тие рекоа дека се надеваат дека нивната работа ќе ги охрабри лекарите почесто да испраќаат пациенти на кои им е дијагностицирана депресија на тестови за откривање на дијабетес тип 2 и други слични здравствени состојби.
Генетското истражување е важно за да се идентификуваат геномските фактори присутни во популацијата што доведуваат до болеста.