Дали некогаш сте побарале информација за вашето здравје онлајн? Верувале или не, Гугл е најпосетуваната „ординација“ за многу жители од земјите од Европската унија. Во време на пандемија, најчесто наместо да побараат помош од доктор, пребарувале на Интернет. Се информирале за тоа кои симптоми од некоја болест ги имаат и какви лекови да примаат или пак каква храна да јадат.
За десет години, од 2011 година до 2021 година, во многу земји од ЕУ речиси се удвоил бројот на луѓе кои барале лекарски совети онлајн, покажуваат податоците на Евростат, главна институција за прибирање статистички податоци во унијата.
Што се пребарувало?
Најголем дел од граѓаните се информирале општо за здравјето, пребарувале специфични здравствени информации поврзани со повреда, болест, исхрана, начини на подобрување на здравјето или слично.
Кои се европските лидери?
Финска, Холдандија и Данска се европски лидери по процент на население на возраст од 16 до 74 години кои онлајн пребарувале информации поврзани со нивното здравје.
Во Финска процентот на граѓани кои барале онлајн здравствени совети се искачил од 58% колку што бил во 2011 година на 80% во 2021 година. Во Данска има пораст од 54 отсто на 75 отсто од граѓаните чија „ординација“ била Гугл, покажуваат податоците на Евростат.
Од поразвиените земји следат Шпанија, Шведска, Австрија и Франција кои се над европскиот просек на граѓани кои онлајн бараат здравствени совети. Просекот на ниво на ЕУ е 55%, а под овој просек се Луксембург, Словенија, Италија и Португалија каде сепак околу половина од населението „гугла“ за да пребара дали има одредени симптоми и како да се лекува.
Германија со намалување, Италија со голем скок
Интересно е што во Германија има намалување во процентот на жители кои барале онлајн здравствени совети и тоа од 54% во 2011 година на 45% во 2021 година. Германија е една од ретките земји што всушност има намалување во овој поглед. Во најголем дел од останати држави има значително зголемување.
Меѓутоа за разлика од Германија случајот е спротивен во Шпанија. Во 2011 година, околу 38% од испитаниците во истражувањето спроведено во Шпанија барале информации на интернет за теми како исхрана, повреди или болести, при што оваа бројка скокна на 69% во 2021 година.
Драстичен пораст има во Италија каде од 27% од населението кое посетувало „онлајн ординација“ во 2011 година за една деценија процентот на население кое пребарувало лекарски совети онлајн се удвоил достигнувајќи 53%.
Бугарија со најмал процент
Само 36 отсто од жителите на Бугарија одговориле дека пребаруваат за здравствени совети онлајн. Во нивно друштво, на дното на табелата, се и Романците.
За само десет години на ниво на ЕУ има пораст од 17% на население кое здравствени совети бара на Интернет, но во некои држави порастот е драстичен, а во некои минорен.