Енергетските пијалаци и здравјето на младите / Фото: АА / Photo: AA

Денот беше долг, пред вас е уште многу работа, а батериите ви се пред крај… Па одлучивте да испиете некој енергетски пијалак - или два. Дали тоа е сигурен начин за подобрување на вашите физички и ментални перформанси?

„Ние критички гледаме на маркетиншките тврдења за поголема ефективност и поголема будност кога консумирате енергетски пијалаци“, вели Силке Волбрехт, советничка за намирници и исхрана во Центарот за советување на потрошувачи на германската покраина Бренденбург (VZB).

„Ваквите тврдења на произведувачите би морале да бидат научно докажани и одобрени, но во повеќето случаи не е така“.

Кофеинот во популарни енергетски пијалоци е главна состојка која би требало да не одржи будни и да ни ја продолжи продуктивноста.

„Децилитар енергетски пијалак обично содржи 32 милиграми кофеин, што е максимално дозволено со закон“, вели Волбрехт.

Генерално, кофеинот има многу позитивни карактеристики.

„Го стимулира кардиоваскуларниот и централниот нервен систем, а во умерени дози може да ја подобри концентрацијата“, вели Анке Ехлерс, експерт за безбедност на храна при германскиот Сојузен институт за проценка на ризици (BfR).

Истовремено, може да се зајакне издржливоста за време на спортските активности, но важно е да се истакне дека „ваквите напитоци не можат да го надоместат губитокот на течности до што доаѓа со потење за време на спортските активности“, вели Волбрехт, напоменувајќи дека е многу подобро притоа да се пие повеќе вода.

Напротив, кофеинот има и диуретско влијание.

Користа од кофеинот зависи од количината, а во случај на консумирањето на енергетските пијалаци замката е во тоа што поттикнуваат внес на големи количини во кратко време.

„Зависно од организмот тоа може да предизвика несакани нуспојави како што се тешкотии, обилно потење и чукање на срцето“, предупредува Ехлерс.

Кофеинот е опасен во комбинација со алкохол или физички напор.

„Премногу стимуланс во форма на кофеин може да резултира со опасно пореметување на ритмот на срцето во комбинација со алкохолот, физичкиот напор или во комбинација со недоволно сон“, предупредува БфР.

Накратко, „здравствените ризици од учинокот на енергетските пијалаци воглавно се предизвикани од нивната претерана консумација“, потсетува Ехлерс.

Не е познато дали може долготрајна и редовна консумација на енергетски пијалоци да предизвика хронична штета кога е во прашање здравјето на поединецот, со оглед на тоа дека „се уште многу малку научни податоци за тоа“.

Затоа, целта на заедничката студија на БфР и универзитетската болница Чарити во Берлин е да се дојде до конкретни научни податоци.

Колку кофеин е премногу?

Колку кофеин е премногу? Според Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), внесот на еднократна доза кофеин до 200 милиграми не претставува опасност за здрави возрасни лица, како ниту внес до 400 милиграми во текот на денот.

Но бремените жени и доилки треба да го ограничат внесот на 200 милиграми или помалку. Како насока може да послужи податокот според кој лименка енергетски пијалак од 500 милилитри обично содржи 160 милиграми кофеин. Адолесцентите, најчесто консументи на енергетските пијалаци, не би смееле да внесуваат повеќе од 3 милиграми кофеин дневно по килограм телесна тежина, велат од ЕФСА.

Затоа препорачан максимум за тинејџер од 50 килограми е 150 милиграми, количина која веќе надминува една голема лименка енергетски пијалак.

Енергетските пијалаци содржат премногу шеќери

Експертите истакнуваат дека висока содржина кофеин не е единствен потенцијален проблем кога станува збор за енергетските пијалоци. Тука е и шеќерот. Голема лименка содржи 60 грама шеќер, истакнуваат од ВЗБ, што е еквивалент на 20 коцкички шеќер.

„Шеќерот на пијалакот му дава привлечен, полн вкус, поради што се додава во големи количини“, вели Волбрехт. Втора причина е покривањето на горкиот вкус на кофеинот.

„Од порано знаеме дека консумацијата на поголеми количини шеќер може да резултира со развој на дијабетес и кариес.“

Наспроти тоа што маркетиншките експерти се погрижија енергетските пијалаци да изгледаат здраво, а тоа го постигнуваат со слики со овошје на лименките или со истакнување на состојките како портокалот, јаболката или манго, тие всушност содржат само синтетички витамини кои „овие пијалаци не ги прават ниту подобри ниту поздрави“, вели Волбрехт.

ВЗБ како алтернатива на енергетските пијалаци препорачува обично кафе.

„Ризикот од внес на прекумерна количина кофеин преку кафето е релативно мал“, смета Волбрехт и појаснува дека тинејџерите не пијат кафе и еспресо во така големи количини како ладните, енергетски пијалоци.

„За да во организмот дневно внесе 150 милиграми кофеин адолесцентот од 50 килограми би требало да испие две шолји кафе или три еспреса, зависно од јачината“, вели таа и укажува на уште една позитивна страна на кафето: „Самите можете да ја одредите количината на шеќерот кој ќе го додадете во шолјата“.

TRT Balkan / агенции
Популарни