Граѓаните од Западен Балкан имаат ниско ниво на доверба во нивниот здравствен систем     Фото: АА

Граѓаните од земјите од Балканот имаат ниска доверба во здравствениот систем во нивните земји, покажува истражувањето објавено во меѓународното стручно списание „Health Expectations“.

Во истражувањето се наведува дека се испитувани трендовите на доверба на граѓаните од Западен Балкан во лекарите и во јавните и приватните здравствени установи. Истражувањето е спроведено онлајн од 25 јули 2021 до 30 октомври 2021 година. Анкетирани биле 3.789 лица од шест земји од регионот: Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

„Примарните наоди од нашата студија покажуваат дека граѓаните од Западен Балкан имаат ниско ниво на доверба во нивниот здравствен систем“, се вели во заклучоците на истражувањето.

Како што се наведува, и покрај нејзините ограничувања, оваа студија е прво вкрстено истражување за „интерфејсот на доверба“ меѓу граѓаните на Западен Балкан, што открива дека тие имаат мала доверба во нивните здравствени системи.

„На лекарите кои работат во приватни здравствени установи, од друга страна, им се укажува повисоко ниво на доверба во споредба со оние кои работат во јавните здравствени установи“, покажуваат резултатите од истражувањето.

Половина од испитаниците во анкетата одговориле дека попрво би избрале приватни здравствени институции наместо јавни, доколку би имале потреба тие или нивните членови на семејството да посетат здравствена установа.

Се наведува дека 65 отсто од испитаниците во истражувањето се жени, додека 27 отсто од нив се на возраст меѓу 31 и 40 години. Повеќе од половина од испитаниците се со универзитетско образование, а мнозинството се во брак со економски статус еквивалентен на средната класа.

TRT Balkan
Популарни