Возрасните кои пијат доволно течности и остануваат хидрирани изгледа дека живеат подолго и развиваат помалку хронични болести, според студијата објавена во списанието eBioMedicine од американскиот Национален институт за здравје на САД.
Лекарите во текот на 30 години следеле 11.255 луѓе и ја анализирале врската помеѓу нивото на натриум во крвта, кое се зголемува доколку се намали внесот на течности, и различни здравствени индикатори.
Тие утврдиле дека возрасните со покачени нивоа на натриум имаат поголема веројатност да развијат хронични состојби и покажуваат знаци на напредно биолошко стареење отколку возрасните со просечни нивоа на натриум во крвта. Исто така, возрасните со зголемено ниво на натриум се под зголемен ризик да починат порано.
„Резултатите од истражувањето нè водат до заклучок дека доволниот внес на течности го забавува стареењето и го продолжува животот без болести“, рече Наталија Дмитриева, автор на студијата и научник во Лабораторијата за кардиоваскуларна регенеративна медицина на Институтот за срце, бели дробови и крв ( NHLBI), кој е дел од НИХ.
Оваа студија користела податоци за здравствената состојба на луѓето во нивните 50-ти години и кога имале меѓу 70 и 90 години. Вкупно имало пет медицински посети. Секое лице е прегледано два пати на 50-годишна возраст, а другите три прегледи се направени на поодмината возраст.
Студијата не опфатила луѓе кои веќе имале високи нивоа на натриум или некои сериозни состојби, како што е дебелината. За да утврдат како нивото на натриум влијае на стареењето, истражувачите се раководеле со 15 маркери за здравјето, вклучувајќи го систолниот крвен притисок, холестеролот и нивото на шеќер во крвта. Тоа им дало увид во функционирањето на кардиоваскуларниот, респираторниот, метаболичниот, бубрежниот и имунолошкиот систем на секое следено лице.
Биле земени предвид факторите како возраста, расата, биолошкиот пол, пушењето и високиот крвен притисок. Нормално ниво на натриум во крвта е помеѓу 135 и 146 милиеквиваленти на литар (mEq/L). Возрасните со ниво над 142 mEq/L имаат 64 отсто поголем ризик од развој на хронични болести како што се срцева слабост, мозочен удар, дијабетес, оштетување на периферните артерии, белите дробови и развој на деменција.