Млади луѓе со слушалки по дома играат онлајн игри или пак уживаат во некоја музика. Луѓе со слушалки на уши додека пешачат, трчаат или пак додека возат велосипед до училиште или работа. Ова е сликата од секојдневието на младите во регионот кои живеејќи во ерата на современата технологија ги користат слушалките постојано.
Но, ова има и последици. Речиси 50 отсто од луѓето на возраст од 12 до 35 години во светот, или 1,1 милијарда млади луѓе, се изложени на ризик од губење на слухот поради
продолжена и прекумерна изложеност на гласни звуци, вклучително и музика што ја слушаат преку аудио уреди.
Истражувањата покажуваат дека во последните две децении оштетувањата на слухот кај младите луѓе се двојно поголеми, како и дека младите имаат 15 отсто поголеми оштетувања на слухот во споредба со нивните родители.
Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) на почетокот на 2019 година издадоа нов меѓународен стандард за производство и употреба на овие уреди, кои вклучуваат паметни телефони и аудио плеери, за да ги направат побезбедни за користење.
„Со оглед на тоа што имаме технолошко знаење да спречиме губење на слухот, не треба да се случува толку многу млади луѓе да продолжат да го оштетуваат слухот додека слушаат музика“, вели д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Според него, младите мора да разберат дека штом ќе го изгубат слухот, нема да имаат можност да го вратат назад.
Новиот стандард на СЗО и ИТУ, уверува првиот човек на СЗО, ќе направи многу за подобро да ги заштити младите.
Речиси половина милијарда луѓе имаат оштетен слух
Над 5% од светската популација или 466 милиони луѓе имаат оштетен слух (432 милиони возрасни и 34 милиони деца), а тоа во голема мерка влијае на квалитетот на нивниот живот.
Податоците на СЗО покажуваат дека повеќето од нив живеат во земји со низок и среден приход. Се проценува дека до 2050 година над 900 милиони луѓе - или 1 на секои 10 луѓе - ќе имаат оневозможувачко губење на слухот.
Карактеристики на безбедни уреди за слушање
Стандардот на СЗО-ИТУ за безбедни уреди и системи за слушање препорачува личните аудио уреди да вклучуваат „функција за дозволен звук“. Се работи за софтвер кој го следи нивото и времетраењето на изложеноста на корисникот на звук како процент искористен од референтната изложеност.
Стандардот препорачува персонализиран профил за слушање заснован на практиките за слушање на корисникот, кој го информира корисникот за тоа колку безбедно (или не) слушал и дава знаци за акција врз основа на овие информации.
Опции за ограничување на јачината на звукот се исто така меѓу препораките на СЗО и ИТУ. Опциите за ограничување на јачината на звукот, содржат автоматско намалување на јачината на звукот и родителска контрола на јачината на звукот.
Стандардот за безбедни уреди за слушање беше развиен од експерти од СЗО и ИТУ во текот на двегодишен процес врз основа на најновите докази и консултации со низа засегнати страни, вклучувајќи експерти од владите, аудио-индустријата, потрошувачите и граѓанското општество.
СЗО препорачува владите и производителите да го усвојат доброволниот стандард на СЗО-ИТУ.
Досегашните медицински испитувања покажуваат дека оштетувањето на слухот има свои препознатливи знаци, меѓу кои се: шумови, попреченост во рамнотежа, блага наглувост која создавама проблеми во говорната комуникација, особено во простор во кој има бучава. Луѓето со оштетен слух често имаат шум во уво, но и дисторзија на звук.
Како да се сочува слухот?
Оториноларинголозите препорачуваат неколку совети за чување на слухот, а внимателноста на луѓето да не се изложуваат на звук поголем од 85 децибили е меѓу најважните. Доколку мораат да бидат изложени на бучава, тогаш на секои 15 минути да прават „тивка“ пауза. Користењето на заштитните средства за уши кои можат да се набават во аптеките помагаат во заштитата на слухот. Една од препораките е и доколку слушате музика со слушалки, не го зголемувајте звукот повеќе од 60 отсто од максималното ниво. Стоењето во близина на звучници или појачувачи на звук, исто така, влијае на општетувањето на слухот.
Меѓу другото, важно е и да се внимава на ушните инфекции, за кои е препорачливо веднаш да се побара лекарска помош.
13 јун 2022
Како младите ризикуваат да го оштетат или целосно изгубат слухот?
Речиси 50 отсто од луѓето на возраст од 12 до 35 години во светот или 1,1 милијарда млади луѓе, се изложени на ризик од губење на слухот поради продолжена и прекумерна изложеност на гласни звуци, предупредува СЗО
TRT Balkan
Поврзани новости
Написи во тренд во оваа категорија
Истражување: 40.000 Европејци годишно умираат од загадување од плински боци
Извештајот, поддржан од Европската фондација за клима, се заснова на минатогодишното истражување кое го мери квалитетот на воздухот во домовите за да открие колку готвењето на гас го зголемува загадувањето на воздухот во затворените простории
Што друго би сакале да знаете?
Популарни